Газета: В понеделник УЕФА ќе го исфрли Милан од Лига Европа!

Навивачите на Милан немаат баш пријатен викенд, откако се појави текстот во „Газета дело спорт“, со информација дека УЕФА им спрема казна на „росонерите“.

Европската куќа на фудбалот, наводно, решила да го одбие барањето на Милан за спогодба околу прекршувањето на финансискиот ферплеј. Клубот потроши околу 200 милиони евра на фудбалери минатото лето, а не е ни блиску тој трошок да го израмни со приходите.

Затоа, казната ќе биде строга: парчина, во висина од 30 милиони евра и суспензија од Лига Европа во текот на следната сезона. Милан заврши шести во Италија и обезбеди пласман во ЛЕ, но може сето тоа да му биде бадијала.

Конечната одлука ќе се знае в понеделник, а дотогаш навивачите можат да продолжат да ги колнат и кинезите од компанијата Спорт Инвестмент, но и Силвио Берлускони, кој даде амин да им го продаде клубот за 740 милиони евра.