Финалињата во ЛШ ќе се играат само на најголемите стадиони во Европа!?

Иако Европската фудбалска унија (УЕФА) досега финалињата во Лигата на шампионите ги носеше речиси во сите градови каде има стадион со капацитет над 65.000 гледачи и со А-категорија, многу извесно е дека ќе ја смени таквата пракса и најважниот меч во сезоната во иднина би можел да се игра на само четири-пет стадиони во Европа.

Првиот човек на УЕФА, Александер Чеферин ја најави можноста која веќе се разгледува, финалните мечеви во ЛШ да се играат само на најголемите фудбалски арени, каде капацитетот е над 80.000 гледачи. Ова Словенецот го најави гостувајќи на Универзитетот Оксфорд, а по бурните реакции на англиските навивачи за распределбата на билети, само по 16.000 за годинешното финале во Мадрид, на кое играа Ливерпул и Тотнем (2-0), а се играше на „Ванда Метрополитано“, домот на Атлетико Мадрид, кој има капацитет од 68.000 столчиња.

„Јас зборувам за настан како Лигата на шампионите, а финалето е врвот на сите врвови – најголемиот меч. Да ви откријам, за Мадрид ние имавме 980.000 барања за билети, а капацитетот беше повеќе од десетпати помал. Дури и да игравме на 'Вембли', немаше да можат сите да влезат на стадион, ама ќе имавме 30.000 гледачи повеќе. И треба нешто да се смени. Веројатно вакво настан, кој е врвен мора да се игра на врвни локации и на најголемите стадиони. Мое мислење е дека финалето треба да се игра само на најголемите стадиони, без разлика дури и ако постојано ги вртиме само четири-пет стадиони“, вели Чеферин.

Англичаните имаа забелешка и за финалето во Лига Европа, пред се зашто тоа годинава се играше во Баку, па стадионот беше и полупразен од причина што мнногу навивачи поради лошите конекции и прескапото патување ги враќаа билетите. Сепак, чеферин додава дека за финалето во Лига Европа, треба да се оди во што е можно повеќе градови и замји, поради популаризација на фудбалот, но и шанса за сите да уживаат во врвен фудбал.

„Кога станува збор за Лига Европа и други финалиња, треба да се споделат со сите земји, зашто и таму го сакаат фудбалот. Јас морам да кажам дека многу често Англичаните за сѐи сешто нешто се лутат, не им чини. Јас можам да кажам дека Баку има супермодерен стадион од 70.000 гледачи и во Англија има само еден поголем од тој. А, во Баку исто живеат луѓе, обожуваат фудбал...Фудбал мора да развиваме секаде, не само во Англија и Германија. “, додава Чеферин.