Естонците со премногу самодоверба: Шкендија е добар тим, но ние веруваме во чуда

Асистент тренерот на естонскиот фудбалски шампион, екипата на Номе Калју, Сергеј Техеров, и покрај поразот од првиот меч (0:1) на домашен терен, и понатаму се надева на пласман во дуелот против Шкендија, во рамки на првото коло во квалификациите за Лигата на шампиони.

Естонците со премногу самодоверба пристигнаа во Скопје, каде утре на Националната Арена „Тодор Проески“ со почеток од 17 часот ќе го одиграат реванш дуелот против македонскиот шампион.   

Шкендија е добар тим, игра напаѓачки фудбал, има одлични играчи како индивидуалци, но ние сме сериозно подготвени за реванш дуелот. Фудбалот знае да биде интересен, ни донел многу чуда каде поквалитетните биле поразени. Јас верувам во играчите, мотивирани сме, секако, мотивација ќе биде со тоа што во второто коло победникот ќе игра против Селтик. Мора да бидеме организирани на теренот, изјави Терехов.