Два града останаа без организација на ЕУРО 2020

Европската куќа на фудбалот, УЕФА реши да ги избрише Билбао и Даблин од листата на градови организатори на Европското првенство ова лето. 

Билбао нема да биде домаќин, бидејќи локалните власти не сакаат да дозволат публика на стадионот „Сан Мамеш“. На УЕФА тоа не и одговара, па го раскина договорот со главниот град на баскискиот регион во Шпанија. На стадионот на кој настапува Атлетик Билбао требаше да се играат натпревар од групата Е на Европското првенство, како и еден натпревар од осминафиналето.

Организацијата на овие натпревари најверојатно ќе остане во Шпанија и ќе бидат префрлени во Севилја на стадионот „Рамон Санчез Писхуан“.

Даблин исто така ја загуби организацијата и тоа најверојатно поради истата причина како и Билбао, а тоа се навивачите. Натпреварите од Даблин ќе бидат префрлени во Санкт Петербург, кој веќе беше избран за еден од домаќините на ЕП.

Останатите градови-домаќни, како Амстердам, Рим, Букурешт, Баку, Будимпешта, Лондон, Минхен, Санкт Петербург, Глазгов и Копенхаген веќе дадоа зелено светло за присуство на навивачи.