Динамо не го искористи домашниот терен: Ристовски одигра цел меч во ремито со Легија! (ВИДЕО)

Загрепски Динамо не ја искористи предноста на домашен терен и ремизираше вечрва 1-1 со полска Легија на „Максимир“ во првиот меч од третото квалификациско коло во Лигата на шампионите, па сега на реваншот во Варшава ќе мора да брка победа за пласман во последниот дел од квалификациите за место во европската елита.

Албанецот Ернест Муци на осум минути пред крајот по една полуконтра на Полјаците го шокираше „Максимир“ и ја остави Легија непоразена по „првото полувреме“ од двомечот, откако Бруно Петковиќ со прекрасен гол со влава по центаршут на Лука Иванушец по еден час игра донесе водство за „модрите“.

Македонскиот репрезентативен лев бек Стефан Ристовски го одигра целиот меч вечерва, а на трибини беше повредениот капитен и вториот македонски репрезентативец во Динамо, Аријан Адеми.

Петковиќ имаше уште една одлична шанса за гол на три минути пред крајот, но неговиот удар мина сантиметри крај дирекот, а Иванушец во судиското надополнување исто така имаше еден опасен шут, но динамовци не успеаа да дадат втор гол за барем минимален триумф.

Голем исчекор кон плејофот направи унгарски Ференцварош, кој во Будимпешта со 2-0 ја победи Славија Прага и сега има убава предност пред реваншот во чешката престолнина. Качараба на минута пред полувремето си даде автогол, а Каратин од пенал го дуплираше водството за триумфот на унгарскиот гигант.

Претходно во првиот меч од трите денеска во овие квалификации за ЛШ, Бенфика со 2-0 ја освои Москва и скоро да го обезбеди плејофот за ЛШ.

Реваншите се за една недела.