Дејан Илиев ќе биде резерва на клупата на Арсенал во финалето во Лига Европа

Македонскиот репрезентативец Дејан Илиев, кој е трет голман на лондонскиот премиерлигаш Арсенал ќе има шанса да биде резерва на клупата на „топчиите“ во финалето во Лига Европа во Баку (Азербејџан) идната среда, иако пред него кај Унај Емери се двајца други чувари на мрежата – Петр Чех и Бернд Лено.

Емери уште пред две недели го соопшти тимот од 23 фудбалери на кои смета за мечот со Челси на Олимпискиот стадион во Баку (21 часот) и тоа што е најинтересно, Илиев ќе може да седи на клупата за резерви. Ова зашто УЕФА од оваа сезона првпат воведува можност 12 фудбалери да бидат на резервната клупа, а не како досега само седум, нешто што го има на светските и европските првенства, а од пред неколку години го воведоа и Италијанците во нивната Серија А.

УЕФА проширувањето на резервната клупа ја воведе првпат во правилникот за оваа сезона, иако до овој завршен дуел, сите мечеви минуваа со 18 фудбалери во протоколот (11 на терен и седум замени).

Ова ќе значи дека Илиев нема да мора да го гледа мечот од трибините, туку да биде дел од спектакуларното финале на теренот, сооглед дека лондонската пресметка треба да донесе фантастичен дуел за пехарот кој ќе ја спаси сезоната на еден од двата тима.

Инаку на финалето во Баку, освен проширениот состав на резервната клупа, првпат ќе има и ВАР (видео-технологија како помош на судиите), а ќе биде дозволена и четврта замена ако мечот влезе во продолженија.