Дебакл на Белгија: Сеферовиќ со хет-трик ја предводеше Швајцарија (ВИДЕО)

Швајцарија ја совлада Белгија со неверојатни 5-2 иако губеше со 0-2 по само 17 минути игра. Со оваа победа Швајцарците го освоија првото место во групата 2 во најквалитетната А - Лига на нации. 

Натпреварот беше спектакуларен, не само поради конечниот исход, туку и поради случувањата на теренот. Торган Азар со два гола на стартот им донесе водство на гостите од 2-0. 

Рикардо Родригез намали од пенал за Швајцарија во 26-тата минута, а потоа на сцена стапи Харис Сеферовиќ. Голгетерот постигна два гола за да направи целосен пресврт уште пред крајот на првото полувреме. Добрата игра домашната репрезентација ја продолжи и во вториот дел откако Нико Елведи погоди за 4-2. Точка на победата стави Сеферовиќ и го комплетираше својот хет-трик во 84-тата минута.

Последен пат кога Швајцарија се вратила по негатива од 2-0 и победила со два или повеќе голови разлика е пред 80 години, кога на Светското првенство во 1938 година ја совлада Германија со 4-2.

Швајцарија ќе игра во полуфиналето во Лига А, додека Белгија е втора. Двете репрезентации имаат по девет бода, но Швајцарците имаат подобра гол-разлика +9 наспроти +3 на Белгијците, а воедно има подобар меѓусебен скор.

Од оваа група во Лигата Б се сели селекцијата на Исланд која претрпе четири порази на четири натпревари.

ЛИГА Ц
ГРУПА 2
Грција - Естонија 0-1
Унгарија - Финска 2-0

ТАБЕЛА: Финска 12, Унгарија 10, Грција 9, Естонија 4