Да не биде срамно деби: Со Розенборг не смее да се загуби, ниту да се примат голови!

Вардар годинава испиша историја со пласманот во групната фаза во Лига Европа, со што најтрофејниот македонски клуб стана првиот кој успеал во овие 26 години од независноста на Македонија да игра во групна фаза во европските купови. Но, дебито на црвено-црните се заканува да биде запаметено по срам и црни рекорди, наместо по успешна промоција на македонскиот фудбал.

Вардар по пет меча во групата Л, исклучително тешка со два извонредни тимови кои обезбедија пролетни елиминаци (Зенит и Реал Сосиедад) има пет порази со гол-разлика 2-19. За две недели, на 7 декември на Националната Арена „Филип Втори“ против норвешки Розенборг се спушта завесата од есенскиот дел, а Вардар по секоја цена мора да спречи – вистински срам.

Два примени гола ги делат црвено-црните од поставување на нов црн рекорд во второто по ранг-натпреварување. Досега, најслаб тим според број на примени голови е Слован Братислава, која прими 20 гола во сезоната 2014/15.

Покрај ова, Вардар, кој моментално е единствен без бод во оваа сезона во Лигата на Европа му се заканува да биде само петти во историјата на второто по ранг натпреварување кој завршил групна фаза без да освои барем еден бод. Досега тоа им се случи на ирски Шамрок роверс во сезоната 2011/12, на словачка Слован Братислава и украински Металист Харков во сезоната 2014/15 и на азербејџанска Габала во минатата сезона.

Гледано севкупно, засега Слован Братислава е најлошиот тим што играл во Лига Европа, со скор од шет порази и гол разлика 1-20. Вардар по пет кола има пет порази и гол-разлика 2-19, што значи дека црвено-црните како знаат и умеат мора да освојат барем еден бод и да ги сопрат Норвежаните да постигнат повеќе погодоци, со цел да се спаси оваа дебитантска сезона и таа да не се претвори во срамна.

Вардар во Трондхајм загуби од Розенборг со 1-3, на меч на кој црвено-црните имаа шанси, еднаш погодија дирек, а Хуан Фелипе го постигна првиот историски гол во големото друштво. Вчеравечер, Дејан Блажевски даде втор гол за вардарци во Лига Европа. И двата гола се невидени мајстории и едни од најубавите голови во оваа есенска групна фаза во ова натпреварување.