ЦСКА нема да игра на својот стадион, Реал и Рома ќе гостуваат на „Лужники“

Фудбалскиот клуб ЦСКА од Москва своите натпревари од Лигата на шампионите ќе игра на стадионот „Лужники“.

Рускиот клуб пред две години го отвори новиот стадион „Веб арена“ со капацитет од 30 илјади места.

Лигата на шампионите, сепак, ќе ја игра на најголемиот стадион во Русија, на кој се играше финалето на Светското првенство, а чиј капацитет изнесува 81 илјада гледачи.

Токму капацитетот беше клучен фактор на оваа одлука на ЦСКА, бидејќи ќе ги пречека Реал Мадрид и Рома во групната фаза, а „Веб арена“ не може да го задоволи интересот на навивачите.

Натпреварот помеѓу ЦСКА и Реал Мадрид кој е закажан за на 2 октомври, ќе биде прв на „Лужники“ од победата на Франција над Хрватска со 4-2 во финалето на СП.