Чеферин (пре)оптимистички: Евро 2020 догодина пред - полни стадиони!

Претседателот на Европската фудбалска унија (УЕФА), Словенецот Александер Чеферин порача дека вериува и се надева дека Европското првенство кое се презакажа за идното лето (11 јуни-11 јули) поради пандемијата со коронавирус, ќе се игра пред полни стадиони и фудбалската возбуда за едномесечниот турнир ќе биде на највисоко ниво.

Откако удри ковид-19 низ светот, фудбалот се прекина на три месеци, па се рестартираше без гледачи, а УЕФА барем до крајот на годинава за европските купови објави дека ќе се играат мечевите без публика, со најава дека во некои земји каде што е подобра ситуацијата да има барем делумен ограничен број на посетители.

И неизвесноста со битката со коронавирусот сега го отвора прашањето дали Евро 2020 ќе се игра како актуелната завршница на ЛШ и Лига Европа, пред празни трибини.

„Ќе има гледачи на Европското првенство. Евро 2020 ќе се одржи со навивачи и без промена на градовите домаќини, нив вкупно 12. Можеби тоа што денеска ни изгледа чудно, нема да биде чудно во номеври или декември. Имаме уште време да размислуваме, ама ние планираме да го задржиме форматот и планираме да имаме навивачи на трибините“, оптимистички најавува Чеферин.

Како и обично, Словенецот сето ова го темели на оптимизмот, но јасно е во реалноста дека сè најмногу ќе зависи и од вакцината.

„Јас не сакам да разговарам за одсуство на навивачи, ограничен број на гледачи... Сакам да останам оптимист, испраќам позитивна енергија и навистина мислам дека ќе имаме полни стадиони идното лето на ЕП. Ако тоа не биде можно, ќе разговараме...Ама сепак мислам дека ситуацијата ќе се нормализира уште зимава“, додава Чеферин.