Чеферин чекор поблизу до трет мандат – Германија застана зад Словенецот!

Актуелниот претседател на Европската фудбалска унија (УЕФА), Александер Чеферин е чекор поблизу до трет мандат кој ќе го бара на изборниот Конгрес на европската централа во април догодина, откако една од најмоќните фудбалски сили во Европа, Германија застана зад Словенецот за реизбор.

Чеферин дојде на чело на УЕФА во 2016 година, а потоа беше реизбран во 2019 година и идната година му истекува овој втор четиригодишен мандат, а тој веќе најави дека сака и трет на чело на европскиот фудбал. Германија е прва од најсилните фудбалски земји која јавно му дава поддршка на Чеферин.

„Александер Чеферин се истакна во оваа улога и безбедно го водеше европскиот фудбал низ сериозни кризи, како што беше пандемијата со коронавирус, а исто така и се истакна со отпорот кон создавањето на европската Суперлига. ДБФ има потполна доверба во него и како личност и во неговата работа“, објави Бернд Нојендорф, првиот човек на германската федерација.

Повеќе од јасно е дека за Чеферин ќе гласа булвално цел источен блок во Европа, вклучувајќи ја и Македонија, а како стојат работите многу брзо веројатно ќе добие поддршка и од останатите велесили, па практично нема да има ни противкандидат на Конгресот на 5 април и со акламација ќе биде реизбран за прв човек на европскиот фудбал.

Германците засега јавно не истакнуваат иста поддршка за Џани Инфантино, првиот човек на ФИФА, кој исто така ќе бара трет мандат и засега Швајцарецот доби комплетна поддршка од азиската конфедерација.