Целосна доминација на клубовите од „лига петка“: Познати се сите 16 учесници во нокаут фазата во ЛШ

Со завршувањето на групната фаза во Лигата на шампионите познати се сите 16 клубови кои обезбедија пласман во осминафиналето на ова натпреварување.

Екипите на Ливерпул, Наполи, Барселона, Борусија Дортмунд, Лајпциг, Лион, Валенсија и Челси го обезбедија своето место во нокаут фазата уште вчера, додека вечерва ги добивме преостанатите осум учесници. Тоа се екипите на ПСЖ, Реал Мадрид, Баерн, Тотнем, Манчестер Сити, Аталанта, Јувентус и Атлетико Мадрид.

Екипите на ПСЖ, Баерн, Манчестер Сити, Јувентус, Ливерпул, Барселона, Лајпциг и Валенсија успеаја да го заверат првото место во групата, а тоа значи дека ќе имаат мала предност пред Реал Мадрид, Тотнем, Аталанта, Атлетико Мадрид, Наполи, Борусија Дортмунд, Лион и Челси, поради тоа што реваншот ќе го играат пред своја публика.

Интересно е тоа што пласман меѓу 16. најдобри обезбедија сите тимови кои се од најсилните пет лиги, а ниту еден од преостанатите лиги не успеа да се провлече понатаму, што воедно е прв пат во историјата на ЛШ.

Во Лигата на Европа продолжуваат Клуб Бриж, Олимпијакос, Шахтјор, Баер Леверкузен, Салцбург, Интер, Бенфика и Ајакс.

Ждрепката за двојки во осминафиналето во Лигата на шампионите ќе се одржи во понеделник во Нион. Првите натпревари од осминафинале се играат на 18, 19, 25 и 26 февруари, а реваншите се закажани за 10, 11, 17 и 18 март.

Големото финале се игра на Олимпискиот стадион „Кемал Ататурк“ на 30. мај следната година.