Блажевски: Само да не примиме први гол, како во Норвешка!

Вардарци се решени да освојат бод или три на натпреварот со Розенборг, в четврток, последен во групната фаза од Лигата на шампионите, па достоинствено да се простат од Европа. Велат, ќе играат офанзивно, но не сакаат да дозволат да им се повтори сценариото од првиот натпревар, во Норвешка.

Веруваат дека можат, дека овој противник е достижен, а таквиот став го потпираат на натпреварот од Трондхајм. Загубија, но покажаа живост во играта, па сега треба барем да го повторат таквото издание.

„Јас мислам дека можеме и ќе се обидеме да освоиме еден или три бода, да не останеме на нула. Мислам дека имаме големи шанси да го оствариме тоа, бидејќи таму загубивме со 3-1, но одигравме одлично, имавме шанси за гол и на 0-0. Мислам дека ако постигневме гол први таму ќе остваревме подобар резултат. Во секој случај, таму се прикажавме во добро светло и мислам дека дома ќе ги освоиме првите бодови“, вели Дејан Блажевски, човекот кој постигна прекрасен гол на последниот европски меч, во Санкт Петербург кај Зенит.

Но, кој е рецептот? Вардар може да одигра офанзивно, но истовремено мора да го чува својот гол. Досега прв примаше голови и никогаш не успеа да се врати од негатива.

„Секако дека ние нема да се залетаме отпочеток и да тргнеме многу офанзивно, бидејќи ако примиме гол, знаеме дека потоа ќе биде многу тешко. Розенборг е квалитетна екипа. Како ќе поминува времето мислам дека ќе играме поофанзивно и ќе напаѓаме повеќе, но сѐБ зависи од моменталниот резултат. Може да играме и поповлечено, па повторно да примиме гол. Ќе покаже самиот натпревар“, размислува Блажевски.

Фудбалерите во црвено-црно не се во најдобро расположение откако во неделата загубија од Шкупи со 0-2 во домашното првенство, но треба да покажат и ментална способност, за да успеат тој кикс да го потиснат пред важен европски меч. Се игра в четврток, во 21.05 часот, на „Филип Втори“. Вардар досега одигра пет меча и петпати загуби, со гол-разлика 2-19.