„Би-Би-Си“ и „Скај Спорт“: Финалето во ЛШ пак во Португалија!

Годинешното финале во Лигата на шампионите закажано за 29 мај нема да се игра и втора година по ред во Истанбул, а утре Европската фудбалска унија (УЕФА) ќе ја потврди Португалија за домаќин втора година по ред, најавија британските „Би-Би-Си“ и „Скај Спорт“, повикувајќи се на извори од Нион.

Иако желба на Англија беше премиерлигашката пресметка на Манчестер сити и Челси да се игра на лондонски „Вембли“, сепак такво нешто нема да се случи, откако британските власти не успеале да ги исполнат сите гаранции што ги барала УЕФА, а посебно се однесува на околу 2.000 технички персонал што треба да биде задолжен за организацијата, преносот и сите други пропратни делови, а британските власти не можеле одреден дел од рестриктивните мерки така брзо да ги повлечат, пред сѐ карантинот што е задолжителен за влез во земјата и слободно движење.

Поради ова, УЕФА конечно донела одлука Истанбул да се пречкрта поради новото нагло зголемувањ ена бројот на заразени и фактот дека оваа земја се најде на црната листа на Британија, па во Нион решиле финалето да го преселат во Португалија, но овојпат не во Лисабон, каде се играше ланскиот балон од завршницата, туку во Порто на стадионот „Драгао“, домот на двојниот европски првак Порто.

Оваа одлука доаѓа зашто во Португалија има помали рестрикции и полесно би можеле да дојдат бродкастерите, спонзорите и големата машинерија од технички персонал задолжен за организацијата, а европската централа не сака да плаќа отштета ако не им гарантира слободен пристап на за нив клучните два сегменти, нешто што Велика Британија не може да им го овозможи во моментов.

Плус, Португалија не е на црната листа на Британија, па навивачите може слободно да дојдат на гостувањето и по враќањето нема потреба да одат во 10-дневен државен карантин, што ќе беше случај со Турција. Манчестер сити и Челси претходно добија по 4.000 билети за Истанбул, но сега УЕФА допрва ќе треба да ги обелодени сите детали пред финалето.

Истанбул кој втора година по ред ја губи организацијата на финалето во ЛШ, засега не е познато дали ќе добие компензација за 2023 година или финансиска отштета.