Бешикташ доби бинго: Потврдена суспензијата од Европа за Трабзонспор!

Истанбулскиот гигант Бешикташ, бивш турски првак и клуб кој е заинтересиран за да го купи македонскиот интернационалец Адис Јаховиќ ќе игра во квалификациите за Лигата на шампионите, откако црно-белите добија бинго на „зелена маса“, после потврдувањето на суспензијата на Трабзонспор да биде исфрлен од Европа.

Трабзон доби суспензија од УЕФА поради прекршување на финансискиот фер-плеј, па овој клуб се жалеше на Арбитражниот суд во Лозана (КАС), но и оттаму добија ужасна вест.

Суспензијата им е потврдена, па така одличната сезона остана залудна во која клубот скоро до крајот се бореше за шампионската титула со Истанбул Башахшехир. Трабзон е суспендиран зашто спогодбата со УЕФА од 2016 година не ја исполнил и со тоа вторпат го прекршил финансискиот фер-плеј, па иако од овој клуб се надеваа на пресврт во Лозана, како во случајот со Манчестер сити, сепак тоа не се случи и за нив излезот во Европа е сега невозможен.

Бешикташ како третопласиран ќе игра квалификации за ЛШ и ќе се обиде да влезе во групната фаза, со што ќе заработи најмалку 25 милиони евра, пари кои Трабзон ги губи.