Белоруска бламажа во Сан Марино: Македонија со Косово ќе се бори за Евро 2020?!

Соседно Косово задутре со минимална победа во дербито со Азербејџан во Приштина ќе ѝ биде противник на Македонија во полуфиналето во плејофот за пласман на Евро 2020, откако Белорусија денеска прописно се „избламира“, па го победи тоталниот аутсајдер Сан Марино само со 2-0 со што го завери пласманот за „фајнл-форот“ во март 2020.

Иако играа со најлошата репрезентација во Европа, која ја торпедира кој стигне, Белорусија денеска во Сан Марино успеа да постигне само два гола, кои на Белорусите им беа доволни за да го заверат пласманот во плејофот, но со тоа многу веројатно и да избегнат пресметка со Македонија во Скопје и да го остават Косово за наш противник.

Задутре Косово го игра дуелот за прво место со Азербејџан и на Косовците им треба бод за да го визираат пласманот, но ако победат, во март 2020 година ќе дојдат во Скопје и тој меч, како соседско дерби, многу помалку ќе биде важен спортскиот дуел, колку што во преден план ќе ја исфрли политичката димензија.

Косово со минимална победа ќе биде пред Белорусија на генералниот ранкинг во Лигата на нации, зашто сега Белорусите по комплетирање на групната фаза имаат 14 бода и гол разлика 10-0, а Косово со минимална победа против Азербејџан ќе има 14 бода и гол-разлика од плус десет (сега имаат 11-2).

Со оглед дека гол-разликата при ист број на бодови ќе биде иста, се гледа кој дал повеќе голови, а тоа во случајот се Косовците.

Само Грузија може да го спречи ова сценарио, со оглед дека Косово игра во вторник во дербито за првото место, но тоа ќе биде само „самоубиство“ за поранешната руска република која утре од 18 часот против Казахстан го игра последниот меч.

Ако Грузија не победи, на тој начин нам ќе ни го препушти првото место на ранкингот, а со тоа и нејзино гостување во Скопје во март 2020.

Второ сценарио за да не играме со Косово е евентуално нивен пораз или реми со Азербејџан, а Грузија да победи во својот утрешен меч.

Белорусија во Сан Марино го отвори мечот во 8 минута преку Драгун и сè изгледаше дека ќе тргнат по убедлива победа, но наместо тоа, успеаа да постигнат само уште еден погодок преку Сарока во 52-та минута и со тоа да го остават отворено прашањето за тоа кој со кого би вкрстил во полуфиналните мечеви. Белорусија во својата група заврши како прва со 14 бода, пред Луксембург, кој освои 10 и денеска ремизираше 1-1 кај Молдавија, која со 9 бода е трета, додека Сан Марино со нула бодови, без даден гол и смешни 0-16 е последен.

Македонија утревечер против Гибралтар ќе го игра мечот со кој треба да го завери пласманот во плејофот, а со тоа и домашното полуфинале на тој меч, кое ќе се игра во март 2020. Финалето ќе се игра на терен на еден од двата победника во полуфиналињата, а ќе биде одлучено со ждрепка кој би бил домаќин.