Белгиски анонимус ќе му дели правда на Вардар во Санкт Петербург

Белгискиот судија Барт Вертентен, 29 годишен тотален анонимус и со искуство од само два меча во групната фаза во изминативе две сезони во Лига Европа ќе му суди на македонскиот шампион Вардар на гостувањето в четврток во Санкт Петербург на руски Зенит.

Зенит е веќе пласиран во пролетните елиминации, па дуелот за нив со црвено-црните ќе биде формалност. Вертентен досега во кариерата има судено на два меча во Лига Европа, лани на дуелот Интер – Спарта Прага (2-1), како и сезонава на мечот Динамо Киев – Скендербег (3-1). Покрај овие два дуели има судено уште неколку во квалификациските рунди, а најмногу во младинските натпреварувања, пред се младинската Лига на шампионите.

Вертентен нема содено на ниту еден македонски клуб или репрезентација, а на него во Санкт Петербург ќе му помагаат сонародниците Лоренс Висер и Брам Ван Дриесхе, додека помошници зад головите се Риен Ванизере и Тибо Нијсен. Четврти судија на мечот е Ив де Неве.

Зенит и Вардар мечот од петтото коло во групата Л ќе го одиграт в четврток од 19 часот по македонско време. Вардар по четири кола има само еден постигнат гол и е без бод.