Барса против Баерн е секогаш спектакл со голови, а победникот – иден европски првак!

Заедно имаат десет европски круни (по пет), кога ќе се судрат невозможно е мрежите да мируваат, а секој европски двомеч на двата титани на европскиот фудбал е посебна приказна, па Барселона и Баерн Минхен вечерва (21 часот) во Лисабон ќе се борат за полуфинале во најелитното натпреварување и продолжување на сонот за шести трофеј во Лигата на шампионите.

Само двапати од десет пресметки на овие два титани завршиле со помалку од три гола. Првиот пат во групната фаза пред две децении (1998/99, 1-0) и вториот пат во реми пред повеќе од една деценија (2008/09) во четвртиналната пресметка. Во сите останати мечеви, головите не може да изостанат, па 31-от погодок во десет меча или просек од 3,1 по меч е најдобра најава дека вечерва нè чека вистински фудбалски спектакл за уживање.

Ако се бара фаворит во ова „финале“ од четвртфиналната рунда, тоа секако би му припаднало на Баерн, не зашто има подобар тим, туку зашто во периодот по рестартот на сезоната покажа неверојатна стабилност и континуитет на резултати, а гол-машината Роберт Левандовски го предводи тимот, кој не е опасен само преку полската ѕвезда, туку од позадина Сер Гнабри, Кингсли Коман и Томас Милер се постојана закана, како и Леон Горецка.

„Баерн има толку многу работи што не загрижуваат, бидејќи се така комплетен тим, кој е способен да ве притисне, а има толку многу опции во нападот, плус добра одбрана. Но, ние имаме способност да им одговориме, да ја земеме топката и тие знаат дека ако излеземе од нивниот преинг, може сериозно да ги повредиме. Мислам дека нема да има тим што ќе доминира на теренот, а кој ќе помине ќе зависи кој поефикасно ќе ги искористи шансите“, вели Кике Сетиен, тренерот на Барса.

Од друга страна, тешко дека некој може предвреме да ја отпише Барселона, предводена од непредвидливиот Лионел Меси, без оглед колку Каталонците во овој период покажуваа слабости, пад на концентрација, па полувремето со Наполи кое им го донесе фајнлејт-турнирот во Лисабон е доказ колку моќна може да биде каталонската гордост ако го фати вистинскиот ритам.

„Меси и Левандовски не се споредуваат. Левандовски е врвен голгетер, тој дава голови, знае и да асистира. Меси, пак, со години е најдобриот фудбалер на светот, неверојатен играч и не сум сигурен дека во иднина ќе имаме ваков фудбалер. Размилувавме како да го сопреме Меси, но мислам дека најважно е да го сопреме како тим, а за тоа ќе мора да играме паметно и постојано да вршиме пресинг над него“, вели Ханси Флик, тренерот на Баварците.

За обложувачниците Баерн е огромен фаворит, па дури 48 отсто шанси им се даваат на Баварците за полуфинале, наспроти само 27 отсто да победи Барселона, додека останатите 25 отсто се мечот да се решава преку продолженија и пенали.

Но, тоа што е најинтересно е фактот дека ова „финале пред финалето“ барем во последните 11 години го давал идниот европски фудбалски владетел. Трипати досега после меѓусебна пресметка, еден од овие два тима станувал европски шампион. Сè почна како традиција во 2009 година, кога Барса со 4-0 и 1-1 ги помина Баварците, за во Рим да се круниса за европски шампион против Манчестер јунајтед. Во 2013 година, Баерн со убедливи вкупни 7-0 (3-0, 4-0) се одмазди и ја мина каталонската гордост за да стигне против Борусија Дортмунд до својата последна европска круна. Во 2015 година Барселона со 3-0 и 3-2 ги мина Баварците во полуфиналето за да стане европски шампион против Јувентус во финалето за петта круна во историјата.

БАРСЕЛОНА – БАЕРН МИНХЕН
СТАДИОН „ЛУЖ“, ЛИСАБОН – 21 ЧАСОТ

Судија: Дамир Скомина (Словенија)
Барселона: Тер Штеген – Самедо, Пике, Ленгле, Жорди Алба – Де Јонг, Бускец, Видал – Меси, Суарез, Серхи Роберто
Баерн Минхен: Ноер – Кимих, Боатенг, Алаба, Дејвис – Тијаго, Горецка – Коман, Милер, Гнабри - Левандовски