Аталанта ќе игра Лига на шампиони на - „Енио Тардини“ во Парма?!

Аталанта од Бергамо е најубавата фудбалска приказна на Апенините, откако овој калчолигаш сезонава успеа да се избори за историски настап во Лигата на шампионите, ама очигледно големиот успех ги изненади и раководните луѓе на клубот, па можно е своите мечеви во европската елита да не може да ги играат на својот стадион.

Како што објавија италијанските медиуми, Аталанта би можела да игра на „Енио Тардини“ во Парма поради тоа што неизвесно е дали навреме ќе заврши реконструкцијата на нивниот стадион, кој по завршувањето на градежните работи ќе го носи името „Гевис Арена“. Аталанта во трката за ЛШ зад себе ги остави Милан, Рома, Лацио и после завршување на сезонава почна реконструкцијата.

Сега забрзано се работи на таа реконструкција, па секојдневно работат 80 луѓе на стадионот, а од средината на идниот месец таа бројка би требало да се зголеми на 250 луѓе. Сепак, нејасно е дали ќе се стигне навреме до средината на септември за почетокот на ЛШ, а сѐ ќе зависи од одлуката на УЕФА.

Европската централа на крајот на месецов ќе ја даде првата проценка, а конечната одлука ќе ја донесе на крајот на идниот месец, па ако работите одат според предвиденото, Аталанта ќе може да игра дома, а ако се доцни и ако проценките се дека нема навреме да се стигне ќе мора да се бара алтернативен стадион.

Аталанта веќе го пријавила „Енио Тардини“ како резервен план при лиценцирањето, а сега сѐ е насочено да се завршат градежните работи и сепак мечевите во ЛШ да се играат во Бергамо.