Англија подобра од Чешка, Хрватска ѝ пресуди на Шкотска (ВИДЕО)

Англичаните вечерва со еден погодок успеаа да ја совладаат Чешка и да го обезбедат првото место во групата Д, додека на дуелот меѓу Хрватска и Шкотска во Глазгов беа постигнати дури четири гола (3-1), при што „коцкестите“ излегоа како победник и обезбедија место во осминафиналето на Еуро 2020.

Чешка и Англија не одиграа меч за паметење бидејќи немаше премногу шанси ниту на едната, ниту на другата страна, но на Гордиот Албион му беше доволен голот на Рахим Стерлинг во 12. минута за втора победа на Европското првенство (ЕП).

Хрватска, од друга страна, поведе со голот на Влашиќ во 17. минута, но Мекгрегор ја врати Шкотска во игра со погодок во завршницата од првото полувреме (1-1).

Во вториот дел „коцкестите“ беа за нијанса подобри од ривалот и искористија две од нивните шанси. Најпрво преку Модриќ, кој постигна мајсторски гол за 2-1, а потоа Перишиќ ја запечати победата на Хрватска со гол со глава (3-1).