Албанија го доживеа срамот, кој Македонија го кркаше пред 14 години

Пред само три години Албанија беше во фудбалска екстаза откако дебитираше на Европското првенство во Франција, ама сега западниот сосед доживеа срам на кој им се смее цела Европа, откако во Скадар ремизираа 2-2 со малата Андора, која стигна до четири бода во овој квалификациски циклус.

Откако Андора ја запиша првата квалификациска победа во евроквалификации во минатиот месец (1-0 со Молдавија), сега успеа на Албанија да ѝ даде два гола, а малата фри-шоп држава на Пиринеите, меѓу Франција и Шпанија полни девет години немаше постогнато гол на гости. Но, тоа што им го обезбеди големиот бод, интересно или не, им го донесе срамот кој Македонија го окрка пред цели 14 години.

Ова реми на Андора е прво во квалификациски меч уште од срамот што Македонија на 9 февруари 2005 година до доживеа во леденото Скопје, кога ремизиравме 0-0. Разликата помеѓу овој срам на Албанија и нашиот пред 14 години е што ова реми е во европски, а нашето беше во мундијалски квалификации. Тоа реми без голови со Андора на замрзнатиот терен на стариот Градски беше само надпополнување на македонската бламажа започната на 13 октомври 2004 година, кога во Андора го доживеавме најсрамниот пораз со 0-1 (потоа следуваа уште низа срамови до денес).

Инаку Андора од тоа реми со Македонија до ова вчерашното со Албанија, има уште седум гостински ремија и една победа, ама сите во пријателски мечеви и во ланската Лига на нации. Ерменија, двапати Азербејџан, Молдавија, Зеленортски Острови, Обединети Арапски Емирати (пријателски) и Летонија (Лига на нации) се селекциите кои не успеале да ги победат Андорците во тој период, а триумфот им е од најлошата селекција на светот Сан Марино (2-0, исто така пријателска).