Адеми за епската победа со Динамо: Ова е историја, го урнавме вториот најдобар тим во Италија!

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми, капитенот на Динамо Загреб синоќа со своите соиграчи одиграа епски меч на „Максимир“ во Загреб, па ја размонтираа италијанска Аталанта со 4-0 во воведното коло во Лигата на шампионите, за да најават дека имаат капацитет дури и да се борат за осминафинале во елитата.

 

Адеми запиша асистенција, беше фудбалер со најмногу истрчани километри меѓу динамовци на мечот (скоро 11 километри), а едноставно овој тим не може без својот капитен и мотор на тимот, кој лани напиша историја со осминафиналето во Лига Европа.

„Што човек да каже после ваков меч? Величенствено! Ова е историја! Па ние го срушивме вториот најдобар клуб во Италија, веднаш зад Јувентус! Дури можевме да им дадеме и повеќе голови. Секоја чест за сите соиграчи, за начинот на кој одиграа, секоја чест за навивачите за поддршката и атмосферата. Секоја чест за стручниот штаб, за сите во клубот. Но, ајде многу да не славиме, па нас в недела не чека нов меч“, вели Адеми.

За Адеми ова е прв настап во ЛШ после кошмарот пред четири години, кога падна на допинг-тест после мечот со Арсенал (2-1) и мораше две години да паузира поради суспензија.