Адеми и Динамо обезбедија осминафинале, Елмас елиминиран од Зенит (ВИДЕО)

Аријан Адеми и Динамо Загреб одиграа фантастичен натпревар и со 3-0 успеаја да ја анулираат негативата од првиот меч и да обезбедат осминафинале. Таква среќа немаше вториот македонски интернационалец, Елиф Елмас, кој доживеа елиминиација од Зенит, откако неговиот Фенербахче загуби со 3-1. Без осминафинале остана и Стефан Ристовски, гостинското реми во Шпанија не им беше доволно за прогрес на Португалците.

Хрватскиот претставник понесен од исполнетиот „Максимир“ фантастично го започна натпреварот. Уште на самиот старт Мислав Орсич феноменалната акција на „модрите“ ја круниса со погодок. Адеми и неговите соиграчи продолжија во исто темпо, Емир Дилавер зголеми на 2-0 откако фантастично биеше со глава. Во вториот дел Бруно Петкович со третиот гол за Динамо, ги разреши сите дилеми за осминафиналниот патник. Адеми го одигра целиот натпревар.

Елиф Елмас го одигра целиот натпревар во поразот на Фенербахче од Зенит. Русите поради негативата од првиот натпревар, започнаа фуриозно. Магомед Оздоев го отвори резултатот, а потоа Иранецот Сардар Азмоун зголеми на 2-0. Голема радост за Турците, донесе Мехмет Топал кој намали на 2-1, резултат кој Елмас и Фенер го носеше во наредната рунда. Но, забавата на Турците ја расипа, Азмоун постигнувајки го својот втор гол, а трет за домаќините. Со таков резултат Зенит обезбеди пласман во наредната фаза.

Спортинг го загуби првиот дуел во Португалија од Виљареал, па на реваншот имаше императив да постигне гол. Соиграчите на Ристовски успеаја во таа намера, Бруно Фернандеш во завршницата од првиот дел го отвори резултатот. Сепак, жолтата „подморница“ успеа да израмни преку Пабло Форналс и со тој резултат да ги испрати Шпанците во осминафиналето.



Арсенал го избегна срамот, па откако во Белорусија беше поразен, сега на „Емирати“ го среди Бате. „Топчиите“ обезбедија победа од 3-0, а во текот на целиот натпревар „царуваа“ на теренот. Најпрвин Захтар Волков си постигна автогол, а Шкодран Мустафи ги донесе потребните 2-0 за Арсенал. Сократис во вториот дел постигна гол за убедливи 3-0.

Останати натпревари:
Ајнтрахт Франкфурт* - Шахтјор 4-1
Наполи“- Цирих 2-0
Салцбург* - Клуб Бриж 4-0
Валенсија* - Селтик 2-0

Со * се означени екипите кои обезбедија осминафинале.