Адеми блесна со два гола за нова европска есен на Динамо Загреб (ВИДЕО)

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми вечерва со два гола ја обезбеди практично новата европска есен на Динамо Загреб, кој со триумфот со 3-1 против естонска Флора Талин се пласираше во групната фаза, но сезонава во Лига Европа.

Адеми, кој е капитен на „модрите“, постигна рутински гол на средина од првото полувреме за да ја дуплира предноста, а три минути пред крајот додаде уште еден и беше херојот во триумфот со кој Динамо останува дел од елитните европски натпревари, после две успешни сезони во кои прво стигна до европска пролет, а лани за малку не ја помина групата во Лигата на шампионите.

Македонскиот репрезентативец го одигра 72-от европски меч за Динамо и сега со новите шест во групите ќе го брка рекордот на Самир од 78 меча, а ако „модрите“ успеат да обезбедат европска пролет, тогаш Адеми може да се запише во историјата како фудбалер со најмногу европски настапи во историјата на загрепскиот гигант.

Покрај Динамо, пласман во групната фаза во Лига Европа обезбеди и белградска Црвена Звезда, после триумфот со 2-1 против Арарат Ерменија. Овие два клуба, лани, играа во групите во ЛШ, а сега продолжуваат со европски настапи во групите во Лига Европа, потврдувајќи дека се моментно најдобри репрезенти на бившојугословенскиот фудбал.

Пласман во Европа бркаат уште два тима од овие простори, Риека со Дарко Велковски кај Копенхаген и риечани веќе водат со 1-0, како и Сараево со Крсте Велкоски (на клупа за резерви е) против Селтик.