За прв пат во кинеската репрезентација ќе заигра натурализиран фудбалер

Бразилскиот напаѓач Елкесон стана првиот натурализиран фудбалер кој не е со кинеско потекло , а воедно е повикан во репрезентацијата за квалификациите за Светското првенство во 2022 година, објави Кинеската фудбалска федерација.

Селекторот Марчело Липи долго време се жалеше дека му недостасуваат напаѓачи, а сега го повика 30-годишниот Елкесон, кој игра во кинескиот шампионат од 2013 година и има постигнато повеќе од сто гола, за квалификациите против Малдиви, меч кој е закажан за 10 септември.

Процесот на натурализација на Елкесон предизвика многу реакции во Кина, иако истиот процес пред него го мина уште еден кинески репрезентативец, Нико Јенарис, кој е роден во Лондон. Но, Јанарис во репрезентацијата е од јуни, има кинеско потекло по неговата мајка за разлика од Елкесон, а во тимот на Гуангжу Евергранде, го носи кинеското име Аи Кесен.

Кина, која досега успеа да се квалификува на само едно Светско првенство во 2002 година, во моментов се наоѓа на 71-то место на ФИФА ранг - листата.