Врсаљко ги сеири Англичаните: Дека многу зборувавте, сега одете да се сончате на плажа!

Шиме Врсаљко, десниот бек на Хрватска се повреди во продолженијата со Русија и мораше да биде заменет, па имаше голема неизвесност дали ќе игра денеска против Англија, но фудбалерот на Атлетико Мадрид одработи лавовска работа затворајќи ја десната страна.

Врсаљко спаси чист гол на гол-линијата по ударот со глава на Стоунс во завршницата од мечот, а на крајот реши да си тера мајтап со Англичаните, кои во изминатите денови пробуваа на секој начин да ја напумпаат атмосферата со разно-разни приказни.

„Знаевме дека не чека тежок меч, не може ништо да мине без напнатост и шокови. Примивме рано гол, ама потоа бевме многу подобри и беше само прашање на време кога ќе дадеме гол. Не беше лесно, ама добро бевме физички подготвени. Многу повеќе ја сакавме победата. Е, сега, Англичаните многу зборуваа. Ама, ако некого потцениш, тоа се враќа. Така да ние тоа што имавме да го кажеме, го кажавме на теренот, а тие (Англичаните – н.з.) сега може да одат и да се сочнаат на плажа. Во второто полувреме доминиравме, како и во продолженијата. Кога ќе направевме притисок, тие сакаа да се набиваат, а ние само дојдовме да играме фудбал и тоа го решивме“, рече Врсаљко.