Во 2022 година ќе има две Светски првенства – во Катар и во Јапонија?

Во 2022 година ќе има две Светски фудбалски првенства, првото за кое Катар веќе ги подготвува спектакуларните стадиони за 32-те репрезентации, ама и во Јапонија каде ќе се игра одложеното прво СП за клубови со 24 екипи.

Светската фудбалска федерација (ФИФА) утре ќе го одржи својот состано на Советот на ФИФА на кој ќе треба да се изгласа календарот до 2024 година, а во ревидирањето на календарот ќе треба да се потврди пролонгирањето на клупскиот Мундијал во 2022 година и тоа во летото, што дополнително може да направи сериозен проблем во комплетната сезона во Европа.

ФИФА планира таа 2022 година да биде комплетно Мундијалска, па во јуни да се игра СП за клубови, а во ноември и деември вистинското СП (21 ноември-18 декември), ама сега проблем е што клупскиот Мундијал практично ќе го згусне календарот во период кога УЕФА ќе мора да направи дополнителна ревизија поради СП во Катар, а тие термини се дел од стандардниот календар за европските домашни првенства, но и за европските купови.

СП за клубови кое наиде на отпор во УЕФА е привлечно зашто секој учесник ќе добие по 20 милиони долари, а победникот ќе освои 100 милиони долари, па со ваква финансиска привлечност, ФИФА планира да ги собере најдобрите на првото СП со 24 екипи, откако досега секој декември се играше за светска клупска титула само со континенталните шампиони плус домаќинот.

Осум екипи треба да играат од Европа, шест од Јужна Америка, а останатите 10 да се поделат по три за КОНКАКАФ, Азија и Африка, а едно за Океанија. Од Европа четири претставници веќе се познати, а тоа се шампионите во ЛШ и Лига Европа за сезоните 2018 и 2019 – Реал Мадрид, Ливерпул, Атлетико Мадрид и Челси. Останатите четири треба да бидат победниците за актуелната сезона која ќе се доигра во август и во следната 2020/21, а ако некој тим од веќе пласираните веќе има обезбедено учество, пласман ќе обезбеди екипа со најдобар коефициент на УЕФА-листата, а нема пласман.