Уругвајски репрезентативец доби 14 месеци затвор!

Уругвајскиот повремен репрезентативец Николас Шиапакасе (23) доби 14 месеци затворска казна поради нелегално поседување на огнено оружје и наркотични средства.

Поранешниот фудбалер на италијански Сасуоло, кој се врати во татковината на заем при рутинска контрола бил запрен од полиција, а во автомобилот му бил пронајден пиштол, кој потоа во истрагата фудбалерот признал дека го носел за да го внесе на стадион и да му го даде на еден од водачите на хулиганите на Пењарол, за дербито на Монтевидео против Национал.

Шиапакасе бил веднаш приведен и два ипол месеци мина во притвор, а вчера пред судот ја признал вината, по што итно му бил одреден 14-месечен затвор. Но, тој покрај скоро трите месеци во притвор ќе одлежи уште шест, а остатокот ќе му биде заменет со куќен притвор и притоа му е дозволено формата да ја одржува тренирајќи со клубот Ел Танке Сисли.

Овој фудбалер важеше за голем талент на уругвајскиот фудбал, еден период од младинската кариера ја мина и во Атлетико Мадрид, а со Сасуоло имаше договор до идното лето, а матичниот Пењарол му беше актуелен клуб каде играше на заем.