Унгарците на седмо небо: Го кутнаа на колена светскиот вицепрвак Хрватска (ВИДЕО)

Вистинска сензација се случи во Будимпешта, откако Унгарија го урна светскиот вицешампион Хрватска со 2-1, иако Хрватите први стигнаа до предност во второто коло од квалификациите за Евро 2020.

На Хрватите им беа потребни само 13 минути за да ја затресат мрежата на Унгарија преку Анте Ребиќ, но 20 минути подоцна домаќините ја вратија резултатската неизвеност, откако Адам Салаи израмни на 1-1.

Во второто полувреме светскиот вицешампион едноставно не можеше да создаде посериозна шанса, па тоа го казни Мате Паткај во 76. минута и ја урна Хрватска сред Будимпешта.

Хрватска останува на три бода, колку што сега имаат Словачка и Унгарија (сите имаат одиграно по два меча), додека Велс исто така има три бода, но има одиграно само еден меч.

Шкотска се врати по катастрофалниот пораз од Казахстан во првиот меч од квалификациите со 0-3, па вечерва успеа да слави на гостување кај Сан Марино со 2-0 и така да ги запише првите три бода.