УЕФА го објави системот на квалификации: Кој е патот за Македонија до СП 2022?

Македонската фудбалска репрезентација после освоеното трето место во европските квалификации за пласман на Евро 2020, ќе влезе во нов мундијалски циклус за пласман на Мундијалот во Катар во 2022 година, а Европската фудбалска унија (УЕФА) на денешниот состанок на Извршниот комитет го објави системот на натпреварување во мундијалските квалификации и како ќе се распределуваат визите за настап на СП.

Мундијалот во Катар се игра од средина на ноември до средина на декември 2022 година, па квалификациите ќе стартуваат од март идната година во пет термини. Тоа што е сигурно е дека од Европа на СП ќе учествуват 13 селекции, а првпат УЕФА во мундијалските квалификации ја вклучува и Лигата на нации како шанса за место во баражот за пласман.

Пласман на СП ќе обезбедат десет селекции кои ќе бидат најдобри во своите групу во мундијалските квалификации, но сега за дополнителните три визи ќе се играат баражи од 12 селекции. Првпат во баражите влегуваат сите десет второпласирани селекции, како и двете најдобри селекции според учинокот во новата сезона во Лигата на нации и тоа се селекции кои на ранг-листата по учинок би биле најдобри, а не се меѓу 20-те што обезбедиле пласман дали директен за СП (првопласирани), дали за баражите (второпласирани).

Според ваквиот распоред за Македонија да стигне до историски настап на СП, би требало да биде победник во една од десетте групи (директна виза) или најмалку втора (за бараж). Но, би можела да биде и меѓу двете најдобри според учинок во Лига на нации. Интересно е тоа што УЕФА, барем како што образложува, ќе го смета учинокот (освоени бодови по групи) во било која дивизија и врз база на тоа ќе го составува ранкингот, што малку е нелогичен, зашто полесно се освојуваат повеќе бодови во послабите групи, отколку во потешките (А и Б-дивизија). Но, како тоа се би изгледало, допрва ќе треба европската централа, но и ФИФА да го образложат.

Според ова што денеска го презентира УЕФА, Македонија во бараж практично би влегла ако е 21-ва или 22-ра по ранкинг од вкупниот учинок во Лига на нации, ако не е меѓу првите две селекции во својата квалификациска група, ако 20-те селекции пред неа би обезбедиле место на СП или место во баражот.

Кога ќе се комплетираат учесниците во баражит, а тоа се 12 селекции, истите ќе бидат поделени во три групи, па ќе играат мини-турнири со полуфинале и финале, како актуелниот плејоф систем за Евро 2020 и обедниците од трите бараж-групи ќе обезбедат визи за место на Мундијалот во Катар. Засега не е познато како ќе се формираат двојките за полуфинале, а ќе се игра по еден меч и ќе има ждрепки кој би бил домаќин за финалето.

Сето ова делува многу покомплексно во однос на досегашниот начин на распределба на местата за СП. Како ќе се формираат групите за квалификациите допрва ќе треба да одобри ФИФА, а досега барабаните се формираа врз база на актуелната ранг-листа на светската организација во последниот месец пред ждрепката.