Српска ѕвезда остана без клуб во САД поради расизмот на сопругата!

Српската ѕвезда Александар Катаи, поранешен фудбалер на белградска Црвена Звезда и на новосадска Војводина скапо го плати расизмот на својата сопруга Теа, чии ставови за протестите против полициската бруталност во САД беа окарактеризирани како расистички, па фудбалерот и ЛА Галакси спогодбено се договорија за прекин на соработката.

После непромислениот потег на Теа Катаи, Александар се најде под жесток притисок, а ситуацијата дојде до ерупција со сериозни закани по живот кон семејството, но извинувањето што фудбалерот ден подоцна го стави на социјалните мрежи не помогна многу за да се спаси неговиот статус.

Тој во Галакси имаше плата од 612.000 долари годишно, додека во Чикаго Фаерс за две години заработи 2,7 милиони „зелени банкноти“. Сега, тој е слободен играч и може да си бара нов клуб, а оваа сезона во МЛС-лигата не ни започна поради пандемијата со коронавирус.