Среброто од Русија некој треба да го брани: Како ќе изгледа Хрватска на СП 2022? (ФОТО)

Хрватските репрезентативци од генерацијата на Лука Модриќ поставија стандард, кој тешко ќе биде следен од нивните наследници. Една од причините е токму тоа што ќе ги нема столбовите на националниот тим како Модриќ и Ракитиќ. Хрватскиот „Индекс“ се обиде да предвиде како ќе изгледа „коцкестата“ репрезентација за четири години.

Хрватска ќе има тешка задача на СП во Катар во 2022 година –да го брани среброто. Се разбира, прво треба да се пласира таму за воопшто да дојде во ситуација да се надева на успех од калибарот на овој во Русија. Дури и тоа е под знак прашалник ако се знае дека Модриќ, Ракитиќ, Субашиќ, Манџукиќ... нема да бидат во репрезентацијата.

Според хрватскиот „Индекс“, добар дел од репрезентативците кои настапија во Русија ќе бидат во репрезентацијата и за четири години. Сепак, многу од нив ќе бидат во години кога кариерата знае нагло да падне, па „Индекс“ остави простор за алтернативи.

ГОЛМАН – Субашиќ на ова СП настапуваше со 33 години, а во октомври ќе полни 34. Иако голманите се како вино – стануваат подобри колку се постари – сепак нереално е да се очекува дека популарниот Суба и на 38 години ќе биде најдобра хрватска опција меѓу стативите. Барем за него нема стравување, бидејќи одлична перспектива е Ловре Калиниќ. Тој, всушност и не е многу млад, има 28 години, па во 2022 би бил во идеална голманска возраст. Уште сега е најдобар голман во белгиското првенство (Гент), а дотогаш прашање е каде ќе го одесат неговите квалитети.

ОДБРАНА – Ако за нешто не треба да стравуваат Хрватите, тоа е десната бековска позиција. Шиме Врсаљко одигра на високо ниво, настапува во Атлетико Мадрид, има 26 години и дава знаци дека неговата кариера ќе оди само во нагорна линија. Проблемот е на другата страна, кај левиот бек. И во Русија јавноста и експертите не беа сигурни дали Иван Стриниќ е доволно добро решение, па затоа за Катар 2022 Хрватите „се крстат“ во Борна Соса. Момчето има 20 години, игра во Штутгарт и велат дека е новиот Роберт Јарни. Ако тој не се развива како што треба, тука секогаш ќе биде Јосип Пивариќ, кој му беше резерва на Стриниќ сега во Русија. За стоперите е дискутабилно. Домагој Вида и Дејан Ловрен уште се по 29 години, што значи во 2022 ќе имаат по 33. Тоа не е некоја ветеранска доба за играч од одбраната, напротив, тогаш стануваат позрели, сепак „Индекс“ за секој случај ги става како опција Нижиќ и Чалета-Цар Првиот има 28 години и игра во Хајдук, вториот со 21 година е голема перспектива на Салцбург.

СРЕДЕН РЕД – Тука е најголемиот проблем на Хрватска. Лука Модриќ има 32 години и тешко е за верување дека до 36 ќе игра воопшто во репрезентацијата, а второ ќе игра на вакво ниво. Иван Ракитиќ уште по ова СП даде знаци дека ќе се повлекува и покрај тоа што има 30 години. Проблемот е што настапите во тим како Барселона и со играчи како Меси бараат многу од телото, а Ракитиќ само оваа сезона одигра преку 70 натпревари. Тоа е неблагодарно да се очекува од човек со 34 години, дури и ако не се откаже од репрезентациајта. Затоа Хрватите се потпираат на Матео Ковачиќ, Милан Бадељ, Марсело Брозовиќ, кои ја немаат „магијата“ на Модриќ или Ракитиќ, но се квалитетни играчи во сериозни клубови од Европа. Најголемата хрватска надеж е Ловро Мајер, 20-годишниот креативец на Динамо Загреб, кој има потенцијал да „влезе во копачките“ на Модриќ и да биде прва виолина.

КРИЛНИ НАПАЃАЧИ – Ако се биде како што треба, Иван Перишиќ и Анте Ребиќ и за четири години ќе им задаваат немири на хрватските противници. Првиот има 29 години, но веќе со години се покажа како константа во тимот, а вториот со 24 години експлодира како голем хит на СП во Русија. Ако е потребно, тука се Марко Пјаца (23) и Јосип Брекало (20), кои настапуваат во Италија, односно Германија и имаат се за да станат големи играчи.

НАПАД – „Хрватска мора да се научи да живее без Марио Манџукиќ“, пишува „Индекс“ во делот за напаѓачите. Иако шпицот на Јувентус покажа дека е неуморен и незапирлив борец, сепак прашање е колку ќе може да го држи истото темпо и на 36 години. Негова најверојатна замена е Андреј Крамариќ, кој доби минутажа и на ова СП, иако најчесто со поповлечена улога.

За Златко Далиќ нема што да се каже. Дојде како нејасен анонимус, за еден месец стана хит и сега останува на Хрватскиот фудбалски сојуз (ХНС) да го направи логичното и да го задржи долгорочно. Сепак „ништо не е логично со ХНС“, велат хрватските колеги, па можно е и да си замине. Кој би го заменил – тоа е прашање за други денови.