Спортскиот канал на МТВ почнува слатко – со големата победа на Вардар над Барса!

Подолго време најавуваниот спортски канал на Македонската радио телевизија (МРТ), на кој паралелно ќе има и филмска и забавна содржина, утре и официјално почнува со работа под името МРТ-3 и тоа на ептен сладок начин за сите македонски спортски вљубеници – победата на Вардар над Барселона во полуфиналето на завршниот турнир во Келн кога црвено-црните дојдоа до првата европска титула во 2017 година.

Луѓето од спортската редакција на МТВ најавија репризирање на спортски настани за кои во моментот ги имаат телевизиските права, со оглед на тоа што воопшто нема спорт во светот поради пандемијата со коронавирусот. Тоа ќе значи репризирање на сите 64 средби од последниот Мундијал во Русија пред две години, најинтересните настани од Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Пјонгчанг, како и одреднеи натпревари од ракометната Лига на шампиони и СЕХА.

„МРТ-3 нема да биде само спортски канал, но ќе понуди нешто што специјализираните спортски канали во моментов не можат. Како членка на Евровизија, МРТ обезбеди ексклузивна можност да ги реемитува претходните светски фудбалски првенства, додека партнерството со Интернационалниот Олимписки Комитет и дава шанса повторно да и ги понуди на публиката претходните олимписки игри. Затоа, во наредните денови ќе ги освежиме сеќавањата на фудбалскиот Мундијал во Русија 2018 со потсетување на сите 64 натпревари, а ќе се навратиме и на најголемите возбудувања од најатрактивните настани на ЗОИ во Пјонгчанг 2018. МРТ-3 ќе ги обнови спомените и од последниот период и од ракометната ЕХФ Лига на шампионите, од ракометната СЕХА Лига, како и од сите други спортски натпреварувања за коишто располага со ТВ-права за тековнава сезона (кошаркарската НБА лига, хокејарската НХЛ лига, ИСУ сезоната во уметничко лизгање, италијанскиот и францускиот фудбалски шампионат). Телевизиските права особено за меѓународни настани секогаш се со временски лимитирана важност. Toa оневозможува МРТ повторно да емитува многу скапоцени материјали од поновата и од постарата документација. Таквата ограниченост за реемитување настани од некогаш е пречка да нурнеме во архивата и уште подлабоко, можеби и повеќе децении наназад. Сепак, тоа отвора можност да и понудиме на јавноста и значителен дел од настаните на домашните спортски терени, на коишто јавниот сервис по традиција им дава публицитет. Сите овие содржини ќе се испреплетуваат во ударниот термин од 16 до 24 часот. Оние коишто ќе го пропуштат првото емитување, ќе имаат уште две можности да ја погледнат истата понуда - од полноќ до 16 часот наредниот ден“, велат од спортската редакција на МТВ.

Покрај големата победа над Барса за прв пласман на Вардар во финалето на ЛШ, љубителите на спортот утре ќе може да го проследат уште и отворањето на ЗОИ 2018 како и натпреварот помеѓу Русија и Саудиска Арабија од СП 2018. Програмата на МРТ-3 за следните неколку дена може да ја прочитата на следниот линк.