Скандал во Ерменија: Пет тима дисквалификувани, 45 лица доживотно набркани за – местенки!

Метлата против мешетарите во фудбалот сериозно заигра во Ерменија, откако тамошната федерација ја суспендираше Втората лига и дисквалификуваше пет тимови, а околу 45 лица доживотно се исфрлени од фудбалот, откако добиле „несоборливи докази“ за местенки.

Челници и газди на клубови, играчи, тренери... Вкупно на број 45 се исклучени од фудбалот, а уште 13 други добиле времени суспензии за инволвираност во местенките. Најголем дел од местачите се луѓе кои имале руски пасоши, руски фудбалери и тренери, но и лица од Летонија, Украина и Белорусија..

Исфрлени се Локомотив Ереван, ФК Ван, Арагатс, Торпедо Ереван и Масис, а сето тоа е поради очигледни местенки на овие тимови со урнебесни резултати 12-0, 0-12, 1-8, 9-2, 0-7, 0-8 и 8-2. За сите овие федерацијата добила докази дека се очигледни местенки и без размислувања решила сериозно да расчисти со мешетарите.

„Одлуките се донесени откако добивме несоборливи докази од меѓународни организации и агенции за спроведување на законот“, рекол Армен Меликбекјан, првиот човек на ерменската федерација.

Тој во декември седна на претседателската функција после победата на изборите за прв човек на фудбалот и вети дека ќе расчисти со фудбалската мафија, откако со години гласно се зборува во земјата дека има тешки местенки, но никој до сега не сакал ни да започне истрага.

„Наша цел е да ја искорениме корупцијата и системот на фиксни 'игри“ во ерменскиот фудбал“, додава Меликбекјан.

Ерменската федерација веќе составила експертска група која допрва ќе расплеткува и други сомнителни активности во фудбалот.