Шаќири: Победата над Србија беше за илјадниците мои роднини на Косово!

Џердан Шаќири стана херој на Швајцарија, а богами и на Косово, откако го постигна победничкиот гол за 2-1 против Србија на фудбалскиот мундијал. По тој меч, многу гласни беа пишувањата за него, поради прославата со двоглав орел, па дури се чека и потенцијална казна од ФИФА, но проговори и тој.

Швајцарскиот „Блик“ му направил интервју на Шаќири, во кое тој зборува за својата кариера, за својот живот, но и за тоа што за него значат знамињата на Косово, на Швајцарија, на Албанија... Раскажува како неговите родители побарале спас во Швајцарија во 1996 година, кога уште не беше разгорено на Косово.

„Моето семејство го напушти Косово пред почетокот на војната, кога имав четири години. Родителите се обидуваа да изградат живот за мене и за моите браќа. Не беше лесно. Мојот татко не зборуваше германски. Прво переше садови во ресторан, а мајка ми чистеше канцеларии. Швајцарија е скапа за секого, особено за моите родители, кои морале да праќаат пари и во Косово, кај роднините кои останале. На почетокот летавме назад секоја година, а јас бев немирен по авионот и постојано се задевав со луѓето. Кога почна војната, стана невозможно да се вратиме. Куќата на мојот чичко беше запалена, па татко ми праќаше пари колку што може“, раскажува Шаќири.

Почнаа да му реагираат уште пред почетокот на СП, кога ги покажа своите копачки, со знаменца на Косово и на Швајцарија. Тој потсети дека ова не е првпат и дека сѐ си има свое значење.

„Кога играв против Албанија во 2012 година ги имав знамињата на Швајцарија, Албанија и на Косово на копачките. Некои медиуми тоа го критикуваа, но мене тоа ми е идентитетот. Швајцарија секогаш е тука секому да помогне. Сега ги имав знамињата на Швајцарија и на Косово, но тоа не е од политички причини. Тие знамиња зборуваат за мојот живот. И не се секирајте, на посилната лева го носам швајцарското знаме“, истакна 26-годишниот фудбалер, кој кариерата ја почна во Базел.

Уште мал бил талентиран, а идол му бил Роналдо, Бразилецот. Не можел да ја скроти радоста кога на 10 години добил дрес со неговото име, а потоа почнал да покажува дека таа љубов кон фудбалот не е напразно. Се истакнувал во младинските категории на Базел, дури и по цена да се преправа дека е болен на училиште.

„Швајцарија е убава земја, но тука живеат различни луѓе, покрај Швајцарци имате Турци, Африканци, Срби, Албанци... На 14 години играв за младиот тим на Базел, но имав проблеми бидејќи од училиште не ме пуштаа да патувам на турнирите. Секогаш лажевме дека имам груп или слично, а потоа ќе отидам на турнир во Прага. Кога ќе се вратам, учителката ќе ме праша дали сум бил болен и уште пред да одговорам ќе ме прекине и ќе ми покаже слика од весник, насмеан во дресот на Базел со трофејот за најдобар играч на турнирот“, раскажува Шаќири.

Веќе се зборува дека по СП ќе направи спектакуларен трансфер од Стоук во Ливерпул, а има време уште да се докаже, со оглед дека Швајцарија е блиску до пласман во осминафиналето. И онака веќе доволно се покажа со погодокот против Србија во 90. минута. За многумина на Балканот стана најомразениот лик, откако контроверзно прослави, симболизирајќи двоглав орел со рацете. Сепак, тој вели дека бил херој за илјадници негови роднини и пријатели.

„Натпреварот против Србија за мене беше посебен. Илјадници луѓе, роднини од Швајцарија, Албанија, од Косово ми пишуваа. Ова беше победа за сите тие луѓе. Тие мене никогаш не ме напуштиле. На Косово, од каде што потекнуваат моите родители, тоа беа чисти емоции“, додава фудбалерот.

Целосното интервју достапно е на швајцарски „Блик“.