Ромите од цел свет формираа фудбалска федерација, а претседател е Македонец!

Македoнската престолнина Скопје ќе биде домаќин на Светско фудбалско првенство за непризнаени држави, региони и нации идната година, а во Конфедерацијата (КОИНФА) на независни фудбалски асоцијации кои не се членки на ФИФА и УЕФА, членува и ромската заедница.

Ромите се обединија од целиот свет и веќе формираа фудбалска федерација на чие чело претседател е скопјанец.

Мерфин Демир е претседателот на ромската фудбалска федерација, кој уште пред распадот на Југославија емигрирал со семејството во Германија и сега живее во Диселдорф.

„Израснав во Шутка, во тоа време уште беше Југославија. Тогаш Шутка беше поинаква, можеби би претерал, ама беше најубавиот дел од Скопје – беше неверојатно зелено. Тогаш беше совршено за момче како мене, имавме двор, игравме на улиците, зашто едвај да имаше сообраќај. Беше убава и рурална средина, која се изгуби низ годините. Во 1988 година, моите родители решија да си заминат, јас имав седум години. Се качивме на воз и тоа ми изгледаше како една голема авантура, едно патешествие. Претходно никогаш не бев подалеку од Македонија, а ја оставивме Југославија. Не ни сфаќав дека ќе одиме да живееме во друга земја. Побаравме азил и ни одобрија постојан престој врз база на хуманитарната основа од 90-те, кога Југославија се распадна со крвавите војни“, вели Демир.

Светското првенство за непризнаени земји е предвидено да се игра од 30 мај до 7 јуни во македонската престолнина и на него треба да учествуваат 16 екипи од земји и региони, кои помалку или повеќе се познати (Абхазија, Јужна Осетија, Донбас, Луганск, Квебек, Северен Кипар...).

Ромската заедница сега за своја промоција ја гледа шансата преку фудбалот да се презентира пред светот, а фудбалот го гледа како шанса за – свој идентитет!

„Јас имам многу соништа, ама најголемиот е да бидеме силна федерација на Ромите во КОИНФА. Знам што можеме, а знам дека можеме и многу повеќе. Знам дека преку фудбалот можеме да ги промовираме Ромите. Фудбалскиот тим е нешто што создава идентитет, а јас сум убеден дека тоа го правиме на вистински начин, создаваме идентитет, со зацврстуваме и го презентираме пред светот“, додава Демир.

Скопјанецот израснат во Шутка често го посетува родниот град за кој пред Конфедерацијата (КОИНФА) порача дека е прекрасен и дека му недостига секојдневието во Скопје.

„Последен пат бев во Скопје во 2018 година и морам да кажам дека сум обземен секојпат кога ќе се вратам. Ми фали тој мултикултурализам, тој секојдневен живот во Скопје, кога наследството, етничката припадност или јазикот и пасошот немаат никаква улога. Јас во Скопје сум како турист, не ни знам келнерот дали е Македонец, Албанец, Ром... А и не е важно, во Скопје сите се пријателски расположени. Во Скопје чувствувам среќа“, потенцира Демир.