Епското аргентинско суперкласико, секој меч е посебна приказна. Спектакл над спектаклите, битка за превласт во престолнината Буенос Аирес и по 247-та пресметка на Бока јуниорс и Ривер плејт, аргентинскиот главен град барем на половина година е – црвено-бел. Синоќа, Ривер плејт со две бомби стигна до голема победа со 2-0.

Карневалската атмосфера на „Бомбоњера“ требаше да биде играч повеќе за Бока, ама се тргна наопаку откако Густаво Мартинез со мајсториски волеј ја погоди мрежата. Првата бомба на Ривер ги турна сино-жолтите во нокдаун по 15 минути игра. И кога се обидуваа да се вратат во мечот, следеше втората бомба преку Игнацио Скоко за тотален нокаут и слатка победа на големиот ривал на теренот на лутиот противник. Скоко ја расплака „Бомбоњера“, а за Ривер ова беше четврта победа во низа како гостин, а трета вкупно во низа.

Ривер со победата по шест кола има 10 бода и е четвртопласиран, а Бока со ист бодовен скор и послаба гол-разлика сега е шести. Инаку како и секојпат, величенственото „суперкласико“ тешко се опишува и едноставно еуфоријата и фудбалската страст мора да се доживеат на трибините во аргентинскиот главен град.