Ристовски со асистенција учествуваше во победата на Спортинг Лисабон (ВИДЕО)

Македонскиот репрезентативен десен бек, Стефан Ристовски запиша асистенција во возбудливиот меч во Белененсес, каде Спортинг Лисабон успеа да стигне до победа во меч со седум голови (4-3).

Ристовски, кој го одигра целиот меч за Спортинг, му асистираше на Акуња за третиот гол на спортинг пред крајот на полувремето, откако Белененсес прв поведе по седум минути од пенал преку Јебда, но експресно зелено-белите стигнаа до предност со головите на Баст Дост и Желсон Мартинс од 12-та до 16-та минута.

Но, откако сите помислија дека предноста од 3-1 на полувремето е доволна за победа, Спортинг реши да стигне до триумф по потешкиот пат. Домаќните до 70-та минута успеаа да израмнат, преку Лика во 65-та и Фреди во 70-та од пенал, па Бруно Фернандеш го реши мечот на десет минути пред крајот со голот од пенал.

Со оваа победа, Спортинг се врати на третото место, сега има 71 бод, три повеќе од Брага, а три помалку од Бенфика во трката за ЛШ. Лидер е Порто со 76 бода по победата денеска во дербито за титула против „орлите“ со 1-0.