Распад-систем во Белгија: „Ѓаволите“ на раб да се испотепаат, Лукаку глумел миротворец!

Неубедливата игра со победа над Канада ги затскри сите проблеми во Белгија, ама поразот од Мароко по што бронзената селекција од последното СП во Русија се доведе на раб на елиминација ја отвори „пандорината кутија“, па вистински распад систем во односите има кај Белгијците кои за малку ќе се испотепале меѓусебе.

Најугледниот светски весник „Л'Екип“ објави на три дена пред решавачката пресметка со светскиот првак Хрватска, експлодирала тензијата во белгиската репрезентација која и онака тлееше и само се чекаше кога ќе се разгори, откако јавно преку медиуми со најразлични изјави меѓуредови се препукуваа Тоби Алдервирелд и Кевин де Брајне.

После поразот од Мароко дошло до жестоки препукувања, навреди, на раб на тепачка и нарушените односи се сериозен проблем во селекцијата, зашто не се поднесуваат дел од репрезентативците, а францускиот весник потенцира дека не се мирисаат Де Брајне и Куртоа, Азар и Тросар, дека Батшуаи тера по свое...

Дека не е нешто во ред најави и караницата на терен среде меч на Алдервирелд и Де Брајне, потоа продолжи со изјавите, а единствено Ромелу Лукаку се обидува да биде медијатор и да ја обедини групата. Селекторот Роберто Мартинез се обидел со итен состанок да го крене тимот, дека поразот од Мароко не е крај на светот, дека со победа осминафиналето е достижно, ама прашање е колку тоа сега во распаднатите односи во соблекувалната може да се поправи.

Лукаку се обидел да глуми миротворец и фудбалерите да си кажат што имаат во лице, за да се крене атмосферата, но прашање е колку успеал во тоа, а ќе покаже мечот со Хрватска, во кој Белгијците со формата во која се наоѓаат, прашање е дали можат против силно мотовираните „коцкести“.