Први пресметки: Фудбалската индустрија од Ковид-19 ќе загуби – седум милијарди евра!?

Пандемијата од коронавирус која жестоко го погоди светот и ги прекина и откажа сите спортски настани, ќе предизвика неверојатна рецесија во фудбалот, за што веќе сите стручњаци, аналитичари и финансиски ефекти го најавија, а првите пресметки посочуваат дека комплетната фудбалска индустрија ќе загуби неверојатни – седум милијарди евра (скоро два македонски буџети).

Светската криза која не е видена уште од Втората светска војна, веќе извесно е дека жестоко ќе ги погоди економиите на сите земји, а нормално во светот на спортот, најпогоден ќе биде фудбалот како најпопуларен, ама и најголем бизнис во моментов. Веќе нема клуб кој не се жали и не бара финансиска помош за да барем ја ублажи таа рецесија, особено зашто во прашање не само што е доведена актуелната сезона, туку и следната, најмногу и поради фактот што пролонгирањето на актуелната за рестарт ќе донесе пролонгирање на следната, веројатно и кратење на мечевите...

Повеќе од јасно е прво дека ТВ-договорите веројатно ќе бидат ревидирани, а веќе некои телевизии не сакаат да ги исплатат своите рати за преноси во моментов кога нема фудбал. Второ, клубовите, барем од елитата, трпат сериозни загуби од финансирањето преку продажбата на влезници, а таа од меч достигнува и до 5 милиони евра. Трето е што самиот карантин за навивачите поради ригорозните мерки ја запираат и продажбата на клупски реквизити и продукти. За финално самата пандемија која предизвикува финансиска криза, како домино ефект ќе ја урне и фудбалската берза на трансфери, па клубовите најмалку за половина ќе загубат од вредноста на своите ѕвезди кои би ги продале, а со тоа штетата во буџетот од финансирање со скапо продадени играчи се брои во милијарди евра годишно на фудбалскиот пазар.

„Сè е поврзано. Кога нема пари, а се отпуштаат работници, се намалуваат плати, интерес за фудбал нема да има многу. Само по себе, цената на влезниците ќе се намали најмалку за процентот на намалени плати, но тука е и психолошкиот шок после преживување на оваа криза. Кога нема пари кај народот, ќе нема ни во фудбалот. Овој вирус ќе остави жестоки последици на овој спорт, но и на сите спортови“, коментираат низа стручњаци.

Сето ова е најава дека допрва следува катаклизмата за фудбалот, во која на клубовите најмалку две години ќе им треба да застанат на цврсти нозе, а сè помалку веруваат дека фудбалот после Ковид-19 повеќе нема да биде ист, ниту пак ќе биде таков фудбалски бизнис како до март годинава.