Просечно 12 работници умирале неделно во Катар за организацијата на СП

Просечно по 12 работници неделно умирале на стадионите во Катар кои се градеа во оваа земја, која догодина од ноември до декември ќе го организира Светското првенство во фудбал, покажа истражувањето на невладини организации кое го објави угледниот британски весник „Гардијан“.

На изградбата на потребната инфраструктура во Катар работеа мигранти и работници од низа азиски земји, пред сѐ Индија, Пакистан, Непал, Бангладеш, Шри Ланка, а според статистичките податоци до кои дошле, откако Катар ја добил организацијата вкупно загинале 6.500 работници, што е огромна бројка и далеку од пријавените 37 жртви што ги објавила државата Катар во ек на подготовката за Мундијалот.

Бројката на загинати работници можно е да е и поголема, се констатира во извештајот, зашто сите податоци се официјални од земјите чии работници работеле на градилиштата во Доха, а недостиграат податоци за евентуални жртви од земјата домаќин, како и од Филипини и Кенија, кои имаат свои емигранти на привремена работа во една од најбогатите земји на светот. Плус, нема податоци за можни жртви во последните месеци од ланската 2020 година, како и од почетокот на оваа.

Борците за човекови права од поодамна објавуваа дека најмалку 10.000 луѓе кои работат во Катар на подготовка за организација на СП го загубиле животот, од најразлични причини, но сето тоа не е потврдено официјално од земјата домаќин.

„Во извештаите за смртта не е наведено каде работеле, но најголемиот дел работеле на изградбата на инфраструктура за СП. Тие работници во Катар дошле само поради организацијата на СП“, се вели во заклучокот на извештајот.

Според неофицијални информации во Катар работат скоро два милиони мигранти како општи работници, а најчести причини за смртта биле проблеми со срце, со дишни патишта, задушување, струен удар и пад од височина.