Поради корона имаа само седум играчи, па мораа да играат и мечот заврши за – 8 минути (ВИДЕО)

Невидени циркузи има во светскиот фудбал во оваа пандемија со коронавирус, кога одговорните лица (федерации или лиги) ќе се заинатат дека еден меч мора да се игра, иако опасниот вирус „сотрел“ цел еден тим, па во Боливија еден меч траеше само – осум минути.

Вториот најтрофеен боливиски клуб Стронгест го победи Ројал Пари со 3-0, па резултатот не би бил чуден, освен тоа што мечот траеше само осум минути, зашто гостите дојдоа со едвај седум фудбалери.

Коронавирусот влегол во соблекувалната на Ројал Пари, па тимот го оставил само со седуммина кои не биле заразени. Овој клуб не само што ги немал најдобрите 11, туку немал воопшто да состави тим со единаесетмина, па иако побарале од федерацијата да им го одложат мечот, добиле само одлука – мора да играте.

На крајот екипата излегла со седум младинци, кои за осумте минути примиле три гола, па мечот се прекинал. И онака немало поента да се игра, ама инаетот на федерацијата бил толку голем, што светот збеснал откако било објавено за овој циркуз.

Мечот се прекина во осмата минута, кога еден од младинците „се повредил“, па излегол од теренот, со што немало услови според правилата да се доигра средбата, која ако продолжела со седум на 11, сигурно ќе завршеше со дваесетина голови во мрежата на Ројал Пари.

Инаку пред еден месец имаше иста ситуација во Колумбија, каде Агилас мораше да игра со седум фудбалери.