Победа на мускули на Швеѓаните, ВАР-повторно донесе спас! (ВИДЕО)

Швеѓаните имаа тешка и напорна задача во првото коло од групата Г, но успеаја да ја совладаат Јужна Кореја со 1-0, макар и со гол од пенал.

Пред натпреварот се знаеше дека Шведска има проблеми со реализацијата, бидејќи немаше постигнато гол 337 минути, но трендот продолжи и на мечот во Новгород. Во првото полувреме имаа една сомнителна ситуација за пенал, но судијата Агилар од Салвадор не се огласи. Неговото свирче повторно го чекаа фудбалерите во жолто во 63. минута, кога Мин-Ву Ким направи брутален фаул во сопствениот шеснаесетник, но и тогаш изостана.

Сепак, слично како на мечот меѓу Франција и Австралија, реагираа од ВАР-собата, па Агилар ја прекина играта и побара видео-анализа. Таа јасно покажа дека има пенал во Шведска, а сигурен реализатор беше Гранквист во 65. минута. Кореја се обидуваше да се врати, но немаше шанси со исклучок на таа на Хи-Чан Хванг во втората минута од судиското продолжение, кога со глава биеше покрај стативата.

Шведска отвори со победа првпат на еден Мундијал по 1958 година, кога победиле со Мексико, за подоцна да играат финале. Во оваа група Г, Шведска и Мексико водат со по три бода, а во следното коло Швеѓаните одат на Германија, а Мексиканците против Јужна Кореја.