Панчев: Несериозно е целосно истетовиран селектор, како да излегол од затвор пред една недела!

Дарко Панчев, македонскиот фудбалер на 20-от век и еден од четтворицата Македонци кои имаат играно на Светско првенство во историјата, за Спорт1 ги анализира случувањата на претстојниот Мундијал во Русија. „Златната копачка“ од 1991 година е наш и ваш стручен аналитичар за време на најголемиот фудбалски фестивал и во негов својствен стил ги коментира случувањата на 21-то СП.

Поминаа две кола и не видовме 0-0, а фудбалски гледано тоа е добро. Значи дека тенденцијата на екипите, без разлика што некои на одредени мечеви играат повнимателно им била на крајот да победат. Самиот факт дека на сите мечеви досега имало голови го потврдува тоа. Посебно во второто коло, кое покажа како што реков претходно дека ќе гледаме подобар фудбал со повеќе голови. Од денеска почнува третото коло, но очекувам дека сите ќе одиграат добро, посебно и тие испаднатите од причина дека ќе сакаат за да го подобрат впечатокот за да не си одат дома со една голема нула на крајот. Мислам дека и третово коло ќе биде интересно. Затоа очекувам и во ова коло да има добар фудбал, се игра добро, па и судењето е доста добро со неколку судиски грешки, но во целина тоа е – коректно. До сега никој не се издвои со толку многу доминантна игра. Дури и Шпанија, која одигра феноменално со Португалија, против Иран падна многу, како да беше некоја друга екипа. Така што, никој не доминира максимално. После овие две кола се уште не може да се издвои некој како голем фаворит според играта – да гази.

Дефинитивно Аргентина е најголемо разочарување. Реков дека навивам за Аргентина да дојде до финале пред сѐ поради Меси, но мислам дека нешто се случува во тимот. Невозможно е Аргентина вака слабо да игра. Невозможно од проста причина што има одлични играчи, а посебно што го има еден од најдобрите на светот. Што се случува не може да знаеме, не сме внатре во селекцијата за да знаеме точно, да имаме поважни детали кои ќе ни ги разоткријат причините, но очигледно нема хемија, нема атмосфера, нема борба. Ако некој изгуби топка, некој нема да го покрие, надополни. Делуваат како само да дошле да одиграат и да си одат.

Можеби е проблем да најдат подобар селектор. Кога ќе видам селектор, целиот истетовиран, како да излегол од затвор пред една недела, мислам дека е малку несериозно. Сепак, селектор треба да биде некоја уважена личност, која има авторитет, кој пред сѐ личи на личност, на човек. Сметам дека Сампаоли не е селектор за таква голема репрезентација. Сепак, Аргентина е голема селекција и морале да најдат некој поадекватен човек. Тоа што Марадона го вели дека „ако не се испотепале фудбалерите меѓусебе во соблекувална по дебаклот со Хрватска, значи дека ќе испаднат од Нигерија“, не го вели во буквална смисла, туку фудбалски дека мора играчите да покажат со прст. Зошто тоа го рекол? Од причина што нема помеѓу нив хемија, нема помагање, како да им е сеедно. Од таа причина и Марадона тоа го изјавил и апсолутно е во право. Како ќе победиш ако немаш желба?

Сега имаат шанса да се извадат со Нигерија, се надевам дека ќе ја искористат, зошто фудбалски би било штета такви играчи како Меси, Ди Марија, Игуаин..., да не ги гледаме понатака. Но, во фудбалот се е можно. Дури и реков на почетокот дека една голема селекција по правило ќе испадне во оваа фаза по групи.

Ако анализираме помеѓу Аргентина и Германија, сепак кај германската селекција постои голема волја и тоа не е спорно. Објективно Германија во второто полувреме со Шведска доминираше, малку немаа среќа, имаа стативи, шанси... Точно е дека голот падна во 95-та минута, ама ако се погледне цел меч тие заслужено победија. Сега и Германија има шанса и ќе си ја искористи за да оди понатаму. Германија секогаш е Германија, нив не им фали квалитет, моментно им фали само малку воиграност, затоа што е ова релативно нова селекција, направија смена на генерација и од таа причина реков дека не очекувам да бидат меѓу фаворитите, но не поради нивниот неквалитет, туку само поради тие причини. Таа легендарна изјава на Гери Линекер дека фудбалот е игра во која Германците секогаш победуват многупати држи вода. Не можеме дефинитивно Германците да ги тргнеме на страна. Тие по овој шок ќе ја минат без проблем Јужна Кореја, а Мексико – Шведска, ќе биде интересен меч. Добар натпревар за гледање, затоа што двете екипи имаат добар квалитет, не се лоши, ќе биде отворено и не ништо се знае, но мислам дека Мексико е благ фаворит.

Бразил се мачеше со Костарика, но за мене Костариканците се многу позитивно изненадување. Ја намачија Србија, го намачија Бразил, примија голови во 92. и 96 минута. Многу позитивно освежување се на светските првенства. Браво за Костарика, напредувале фудбалски. Од друга страна Бразил беше доминантен, заслужено си победи, не е тоа ништо спорно, но ако сакаат да бидат светски шампиони мора да ја подобрат формата, нема дилеми тука. Бразил сега игра со Србија, нема ништо ново да кажеме дека Бразилците се фаворити, но фудбалот не би бил тоа ако не креирал сензации и чуда. Да не им ја одземаме шансата на Србите, сепак се физички силна селекција, искусна и никогаш ништо не се знае топката е тркалезна. Швајцарија од друга страна е фаворит со Костарика, но ако Костарика одигра добро како со Србија и Бразил, мислам дека ќе им даде силен отпор. Во овој момент, како што стојат работите на табелата Бразил и Швајцарија објективно се во предност

Не може да ставите судија кој ти е комшија, како во случајот со мечот Србија - Швајцарија. Германците се комшии со Швајцарија, во Швајцарија живеат многу Германци, колку да сакаме да бидеме имуни на тоа или тие да бидат имуни едноставно некогаш не можат. Понекогаш едноставно махинално ќе помогнат на некој што ете има некоја близина до нив. Тоа е слично нешто како да ставите Русин или Црногорец да го суди тој меч. Потсвесно секогаш може некој да помогне, а цел свет виде дека беше очигледен пенал и судијата направи голема грешка. Нема дилеми за пенал, го влечат двајца, а на Митровиќ рацете му беа горе. Сосема би било друго, ако него рацете би му биле доле и тој да влече. Толку беше очигледен пеналот, но... Уште полошо е што ВАР сугерирал да се прегледа снимка, а судијата одбил, Само уште еден доказ дека свесно тоа го напавил. Друга ќе беше прикаската да беше пенал, па Србија да поведеше. Но, искусна екипа, на вакви големи натпреварувања не смее да дозволи да прими гол во последна минута, ако сака да оди напред. Наивно тргнаа да дадат гол во последни пет минути и едноставно се случи тоа што се случи.

Ние сите навиваме за Србија ама реално ако анализираме, Србија е само физички силна екипа, друго креативност, акции – сè е мачење. Немаат добри играчи, кои може да искреираат нешто, немаат добри поединци и тоа им е проблем. Видете ја вчера Колумбија, веднаш се гледа која екипа има добри играчи. Без добри креативци не може да создаваш добра игра. Само јужноамериканците имаат такви играчи кои знаат со топка, за разлика од Европа која го прифати тој начин само на физикус и трчање, па еве како им се враќа – ретко кој игра добар фудбал. Ај, ние Балканците се уште тежнееме кон убав фудбал, па затоа Хрватите имаат неколку поединци кои знаат да играат во средина. Но, ме чуди за Србија, секогаш имале добри играчи во среден ред, ама овојпат за жал го немаат тоа.

Англија ја забележа најголемата победа, почна да се прави атмосфера дека се светски прваци, ама многу се далеку од тоа. Ако убаво ја погледнеме средбата со Панама, тие примија два гола од пенал, кои се досудени на уште послаб начин во однос на пеналот за Србија, но ги досудија. После даваат два гола од корнер, на нивни типичен начин, што значи 80 отсто од головите ги даваат од прекин. Така да, Англија не ја растури толку Панама на фудбалски начин за да биде 5-0 на полувреме. Едноставно ги добија на искуство, на сила, на таа скок игра која им е најмоќно оружје. Ќе ги видиме со некоја посилна селекција, а еве следен меч сега им е Белгија, па ќе видиме до каде им е силата. Уште е рано да се зборува до каде може да стигнат. Во прво коло се измачија и на среќа победија со Тунис.

Португалија за да не пројде треба да изгуби од Иран, а Иранците покажаа една многу голема борбеност, физичка сила, па може да се каже и знаење. Со Шпанија направија неколку шанси од кои сите ние позитивно бевме изненадени. Нема да им ја одземеме на Иран шансата, ќе видиме што можат да направат, а од друга страна Шпанија мислам дека нема да има проблем со Мароко.

Данска или Австралија? Перу покажа добар квалитет иако загуби на двата меча, а од друга страна Австралија игра англиски - со многу борбеност, долги топки, немаат некоја креативност. Но, не се лоши како селекција и не се за потценување. Франција од друга страна е апсолутен фаворит со Данска, која не покажаа квалитет дефинитивно. Ако се пласира Данска во осминафинале, ќе биде една од попосакуваните екипи и значи дека би требало да игра со Хрватска. Немам дилеми дека Хрватска ќе биде четвртфиналист по такво осминафнале.

И во последната група, лично би сакал во осминафинале да одат Јапонија и Колумбија. Дали ќе биде тоа така ќе видиме, но Јапонците ми се симпатични затоа што многу напредувале, многу се воспитани, професионалци, колтурни, борбени - што сакаш сè покажуват на терен. И затоа ги ценам и сакам да одат во осминафинале. Сенегал има добра и интересна екипа, но фудбалски гледано Колумбија е подобар тим.

Можни се две супердербија во осминафиналето Бразил – Германија и Франција – Аргетина? Дуелот на Франција со Аргентина мислам дека би бил поизвесен меч, Франција во оваа ситуација ќе биде апсолутен фаворит, а Бразил – Германија ќе биде понеисвесно, затоа што и традиционално некако Бразилците се мачи со Германија, а се уште добро паметиме како поминаа на последното Светско првенство. Со ова се отвора простор дека некој може да изненади на овој Мундијал.