Ова не се пропушта: Фудбалска војна и вистинска страст во Белград и Буенос Аирес!

Белград и Буенос Аирес вечерва ќе бидат центар на фудбалскиот свет со двете вечни пресметки, кои се вистински спектакли, не само поради „жестокиот фудбал“, туку пред се поради спектаклот на трибините, пеколната атмосфера и жестоките навивачки пресметки во секој поглед. Партизан ја дочекува Црвена Звезда од 19 часот, а Бока јуниорс е домаќинна Ривер плејт од 22.45 часот.

Двете фудбалски класики се дел од најголемите десет градски ривалства, фудбалски пресметки со посебен шмек, во кои дури и фудбалската пресметка на старите ривали некогаш е во втор план, најмногу поради страшната атмосфера, многу често и поради жестоките навивачки пресметки, хаосот што секое дерби го носи. Влогот во мечот е огромен, не за пласман на табелата, туку како вовед во подоцнежниот дел од сезоната, за навивачките ривалства, сеирењето, пецкањата... Во Белград и Буенос Аирес на два часа барем застанува сè и сè се врти околу дуелите на Партизан со Црвена Звезда односно Бока јуниорс со Ривер плејт.

Во Белград ќе се игра 158-то вечно дерби, кое Партизан го дочекува на својот стадион, а лутиот ривал Црвена Звезда доаѓа по фантастичната серија од седум победи во низа и по освоениот деби бод во ЛШ изминатава недела со Наполи на „Мараката“. Но, како и секое вечно дерби наназад низ годиниве, фудбалот повторно е во сенка од можни нереди, од безбедносен и организациски аспект, затоа што повторно три фракции на партизановци ќе бидат на три различни трибини, а една ќе биде за црвено-белите.

И во „војната“ во која речиси невозможно е да нема уапсени, на момент фракциите ќе се обединат против литите непријтели, ама многу повеќе војуваат меѓусебе. И без кореографии, пиротехнички спектакли, дербито нема да помине, па како и секојпат најмалку ќе трае 100 минути. Ако ништо друго, во Белград се надеваат дека црната хроника нема да биде полна, дека нема да има ескалација на насилство, жестоки тепачки пред, за време и по мечот, особено што навивач на Партизан неодамна загина во брутална пресметка на „Гробари“ и „Делии“ во Бјелина (БиХ).

Час и половина ќе може фудбалските фанатици по големите ривалства да одморат пред да започне мегаспектаклот „суперкласико“ на легендарната „Бомбоњера“ во аргентинската престолнина Буенос Аирес, кога ќе истрчаат Бока и Ривер во нивната 247 пресметка. Како и во Белград, ривалството на Бока и Ривер, па и омразата е преголема, па тензии, инциденти, неверојатна атмосфера и фудбалско танго се неизоставен дел од ривалството, кое ова дерби го става на самиот врв – како дерби над сите дербија. Бока за нијанса е подобра од Ривер во меѓусебните мечеви со 88 победи, наспроти 81 триумф на црвено-белите и 77 ремија.

Тоа што е јасно е дека како и во Белград, така и во Буенос Аирес трибините ќе се тресат, а навивањето ќе се слуша надалеку во обидот да му се даде поддршка на својот миленик за да се победи големиот ривал.

За вистинските фудбалски сладокусци, овие две дербија се полна ноќна програма и вистинско уживање.