Официјално: СП во Катар ќе почне ден порано поради – домаќинот!

Светската фудбалска федерација (ФИФА) и официјално донесе одлука Светското првенство во Катар да почне ден порано од предвидениот старт на 21 ноември и тоа само за домаќинот Катар да го отвори шампионатот со пресметката против Еквадор.

Советот на ФИФА денеска ја потврди промената, па така Мундијалот во арапската земја ќе стартува на 20 ноември од 19 часот со пресметката на домаќинот против јужноамериканската селекција, додека дуелот кој требаше да го отвори СП според првичниот распоред, Сенегал против Холандија останува да се игра на 21 ноември, но наместо во 13 часот ќе се игра во 19 часот.

ФИФА образложи дека традиција е СП да го отвори светскиот првак или домаќинот, но оваа промена можеше да ја направи со термините многу порано, уште после ждрепката пред пет месеци, па вака излезе непријатно пред светската јавност да се прави промена после барање на шаиците, кои имаат силно влијание во последниве години во светскиот и европскиот фудбал.

ФИФА остана на правилникот фудбалерите за своите селекции да бидат ослободени од клубовите најдоцна до 14 ноември, односно само седум дена пред стартот на Мундијалот.