Официјално: Гонзало Игуаин е нов член на Интер Мајами - ќе биде најплатен во МЛС!

Аргентинската ѕвезда Гонзало Игуаин, поранешен фудбалер на Реал Мадрид, Наполи и до неодаман на Јувентус е нов напаѓач на Интер Мајами во американската МЛС-лига, клубот на англиската легенда Дејвид Бекам.

Интер Мајами го промовираше Игуаин денеска за свое најголемо засилување, кој доаѓа од Јувентус, со кој ја освои последната калчолигашка титула во доиграната сезона која беше прекината поради пандемијата со коронавирус.

Аргентинецот доаѓа во Мајами и ќе биде најплатениот фудбалер во лигата, со 7,5 милиони евра годишна плата, а му се придружува на својот соиграч од торинскиот гигант Блаисе Матуиди, кој претходно потпиша за овој клуб.

„Му Благодарам на Интер Мајами за сиот напор што го вложи за да ме донесе. Мислам дека ова ќе биде прекрасно искуство за мене, доаѓам во нова лига, во прекрасен град. Пресреќен сум што сум тука и што се официјализира оваа соработка. Мојата цел е да го пренесам сето искуство од Европа и да му помогнам на тимот да порасне. Овој нов предизвик посебно ме мотивира, посакувам да играме добар фудбал и да направиме успех. Интер Мајами е клуб во фаза на создавање, па ќе биде доста возбудливо“, вели Игуаин.