Новинар од Шри Ланка е победникот за „златната топка“ со урнебесното гласање (ФОТО)

Хафиз Марикар е новинар од Шри Ланка, работи во локалниот весник „Дејли Њус“ и беше човек што гласаше за годинешниот избор за „златната топка“ на францускиот магазин „Франс Фудбал“, кој после објавувањето на резултатите ги засени и лауреатите, пред сè Лионел Меси поради – урнебесниот избор.

Секоја година кога станува збор за гласањето на најдобрите има некаква контроверза, некаков циркус, а овојпат Хафиз беше тој што дури излезе и како победник. Човекот не даде ни еден глас на главните фаворити од победникот Меси преку Вирџил Ван Дијк, Кристијано Роналдо, Саидо Мане... Дури и си се пофали дека добил еден куп пофалби, зашто не го следел „бранот Меси“.

Новинарот од Шри Ланка во својот избор за најдобар фудбалер гласал за бекот на Ливерпул, Трент Александер Арнолд, па потоа за Пјер Емерик Обемејанг (Арсенал), Ентоан Гризман (Атл.Мадрид/Барселона), Роберт Левандовски (Баерн) и голманот Марк Андре Тер Штеген (Барселона).

И да е лудоријата поголема во продолжение, откако ги објавиле гласовите за трофејот „Лав Јашин“ за најдобар голман, па таму избрал три други чувари на мрежата, ама не го ставил Тер Штеген во конкуренција, иако во главното гласање му дал бодови. Па гласал за Кепа Аризабалага (Челси), Хуго Лорис (Тотнем) и Војчех Шчесни (Јувентус). Бод не му дал на Алисон Бекер, кој ја освои наградата, а ги освои сите голмански награди во оваа година, од најдобар голман во Премиерлигата, па во ЛШ, па на Копа Америка, сега и на светот.