Ни Белорусите не може да се изборат со вирусот: Ковид-19 првпат одложи меч од првенството!

Белорусија беше единствената земја во Европа откако удри коронавирусот, која продолжи да игра фудбал и не го прекина домашниот шампионат, без оглед на сите ризици, ама колку и да се бореа очигледно е дека Белорусите не може да победат во невидливата војна.

Досега некако и успеваа да го туркаат фудбалот како сè да е нормално, но на краот Ковид-19 се покажа како посилен противник, па првпат им одложува еден меч. Станува збор за утрешната пресметка на Динамо Брест, откако овој клуб пријавил дека има неколку заразени фудбалери и побарал мечот да не се игра.

Во Белорусија има официјално 64.000 заразени од коронавирус и 430 починати од вирусот, а првиот човек Александер Лукашенко, кој е претседател од 1994 година ги советуваше Белорусите да пијат водка и да одат во сауна за да ја победат короната, сметајќи дека оваа пандемија е измислена и дека е „заговор на западот“.

Инаку пред две години тренер и претседател на Динамо Брест беше аргентинската легенда Диего Армандо Марадона, но по само два месеци си замина и потпиша за мексикански Дорадос де Синалоа, а потоа се врати во татковината.