Уругвајскиот гинисов рекордер најде и 28 клуб во кариерата!

Поранешниот уругвајски репрезентативец Себастијан Абреу од поодамна влезе во гинисовата книга на рекорди по менувањето на клубови како чорапи, па денеска си најде нова дестинација и тоа за него е – 28 клуб во кариерата.

Абреу има прекар „локо“ (лудак – н.з.) и сега ептен добро му стои, зашто никој на светот не успеал да смени толку клубови како него, а очигледно сето тоа ич не му здосадува. Денеска потпишал договор со бразилски Рио Бранко. Станува збор за бразилски четвртолигаш, а Абреу всушност и нема опција за да игра во посериозен клуб сооглед дека има 42 години.

Уругваецот во гинисовата книга на рекорди влезе кога потпиша за 26-от клуб во кариерата, па сега само се зацврстува на таа позиција. Инаку, тој најголемиот дел од кариерата ја мина играјќи во Јужна Америка, а играше и во Европа за Ла Коруња, Арис, Реал Сосиедад, Беитар Ерусалим. Но, ќе остане запаметен и како еден од ретките фудбалери кој во кариерата игра за двата лути ривали од Буенос Аирес, Бока јуниорс и Ривер плејт.

Интересно, тој никаде не издржал повеќе од две сезони. Најмногу играл за бразилски Ботафого од 2010 до 2012 година. За репрезентацијата на Уругвај има 70 меча и 26 гола.